Во Кремљ се радуваат на претстојната посета на претседателот на Србија Александар Вучиќ на Русија и се надеваат дека ништо нема да фрли сенка врз неа, изјави портпаролот Дмитриј Песков.
Радио слободна Европа пренесува дека Песков ова го кажа ден по седницата на советот за национална безбедност на Србија по повод објавувањето на снимката на која се гледа како човек идентификуван како потполковникот на руската воено-разузнавачка служба ГРУ Георгиј Клебан, му дава пари на некој за кого се тврди дека е пензионираниот припадник на српската војска З.К.
„Потврдуваме дека се во тек подготовките за посетата и ѝ се радуваме. Веруваме дека таа е исклучително важна. Свесни сме за фактот дека постојат одредени страни кои би сакале да ја спречат таа посета и убедени сме дека нема да можат тоа да го направат“, им кажа Песков на новинарите.
Вучиќ за германски Шпигл кажа дека не планира „поради избивањето на шпионската афера“ да ја откаже посетата на Русија закажана за 4 декември.
„Не, не го разгледуваме тоа. Сакаме да ги продлабочиме нашите одлични и пријателски односи. Но, нормално, Србија сака да покаже дека е независна земја која знае како да ја заштити својата воена неутралност. Ние заземаме сериозен и одговорен пристап на моменталната ситуација“, кажа Вучиќ и додаде дека „српскиот и рускиот народ се пријатели од дамнешни времиња“, а Србија е спремна за добри односи на што се надева од Русија.