Жугиќ му подари лампион на Шилегов само да се откаже од украсувањето за помош во борбата против короната: Скопје ги има најскапите лампиони

Денес, овде, пред објектот на Град Скопје, симболично ќе поставиме лампиони на кои стои вредноста од 200 илјади евра или 15 нови болнички возила колку што може да се купат со овие пари кои што Петре Шилегов планира сред пандемија и крајно животозагрожувачка состојба за скопјани да потроши за украсување на празните скопски улици.

Ако му е до лампиони, еве му лампиони, и тоа необични и приближно верни на оригиналот на кој ја пишува и неговата омилена цифра 200 илјади евра, само и само да се откаже од лудото, неразумно трошење на народните пари.

Можеби го немаме најработливиот градоначалник, но со сигурност ги имаме најскапите лампиони.
Затоа уште еднаш, по кој знае кој пат апелираме, повикуваме, средствата за новогодишно украсување да се пренаменат на заштита на животите и здравјето на скопјани.

Во време кога граѓани заболуваат и за жал умираат од вирусот, многу поважно од новогодишни сијалички и лампиони е парите да се насочат кон купување на здравствени материјали и опрема, финансиска помош за јакнење на капацитетите на здравствените установи.

Многу, ама многу поважно е да се заштитат во услови на пандемија ранливите категории на граѓани, луѓето со посебни потреби, насушна е потребата за купување на амбулантни возила или модуларни сместувачки капацитети за заболените од вирусот.

Драги сограѓани, нема ништо поважно од помошта во спасувањето на човечките животи.

Граѓаните молат за помош, молат институциите да го штитат нивното здравје и сите ресурси да се насочат кон реализација на истото.

Ниту еден единствен скопјанец не побарал “светлина во мракот” и трошење на илјадници евра кои ќе ја стимулираат “светлината” и радоста на новогодишните празници.

Секое евро во епидемијата и здравствената криза може да спаси нечиј живот.

Крајно време е да проработи разумот кај градоначалникот Шилегов и овие 13.340.000 ден или 200 илјади евра да ги пренасочи онаму каде што се најпотребни.

Новогодишното трошење за украсување на празните скопски улици може да не чини стотици изгубени човечки животи. Дури и нашите најмлади и најмили го разбираат тоа!

Откажете се од залудно трошење на народни пари во пандемија. Тоа не го бара само ВМРО-ДПМНЕ тоа, го бараат граѓаните на Скопје.

Градоначалник Шилегов, по вашите изјави сите знаеме дека Вие не живеете од плата, но барем во овие услови на тешка здравствена криза, во името на здравјето на скопјани откажете се од јавните набавки за Новогодишно украсување на празните скопски улици. –  изјави Јелена Жугиќ, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ