Бесими: Со буџетот 2021 обезбедени 1,14 милијарди евра за поддршка на домашната економија

Mинистерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за „Капитал“ истакнува дека со буџетот за 2021 година издвоени се 1,141 милијарди евра, со кои ќе се поддржи домашната економија, инвестициските активности на домашните претпријатија, привлекување на странски директни инвестиции, инвестирањенво развојните зони и малите и средни претпријатија.

Како клучен збор за Буџетот за 2021 година министерот го посочи зборот „здравје“. Односно дека приоритет било здравјето на граѓаните, заздравување на економијата и здрав систем на јавни финансии.

-Прво и најбитно нешто се нашите граѓани и нивното здравје. Оттаму за областа здравство годинава има издвоено 664 милиони евра со кои ќе се покријат јавните здравствени услуги, здравствените материјали и опрема, но и капитални инвестиции во здравството. Исто така, за социјална заштита се издвоени 1,47 милијарди евра за поддршка за ранливите категории граѓани, активни мерки за вработување и останати мерки за обезбедување на пристоен живот за сите граѓани.  – вели Бесими.

Министерот потенцираше дека за следната година се очекува буџетски дефицит од 4,9% од БДП или за 3,6 процентни поени помалку во однос на проектираниот буџетскиот дефицит за 2020 година.