Се заоструваат односите со Софија. Сѐ понеизвесен е почетокот на преговорите со ЕУ

Напнатост и остар тон на високи политичари од двете страни по бугарското вето за членството на земјава во ЕУ.

„Шанси некакви минимални постојат, но реални изгледи, за жал, не постојат”, изјави претседателот Стево Пендаровски во емисијата „Трилинг“ на ТВ24, коментирајќи ги условувањата од Софија за започнување на Македонија на преговорите за влез во ЕУ.

Во интервјуто Пендаровски рече дека во изминатите неколку месеци Бугарија драстично ја смени својата политика кон државава и дека со таквата политика Софија не може да излезе од времето на Тодор Живков.

Повеќе на: Пендаровски: Бугарската политика нема излезено од матрицата на „живковизмот“ и нивната комунистичка историја

„Не ја гледам логиката на она што го зборува претседателот Стево Пендаровски“, рече бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

„Браво за Пендаровски! Конечно разбравме што се случило: Христо Татарчев, Гоце Делчев, Дамјан Груев, браќата Миладиновци, Григор Парличев и сите други преродбеници и револуционери се идентификуваа како Бугари затоа што ги следеа упатствата на Живков. На ист начин, Цар Самоил и неговите синови се пишале „бугари“ под притисок на „патникот низ времето, Живков“! – реагира Ковачев.

Претседателот Пендаровски не очекува во следните недели да се постигне договор со Бугарија за деблокирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија.

“Тоа зависи само од нив. Ако тој не очекува, тогаш тие нема да сторат ништо, ова е нивна желба и нивна одлука”, коментира Андреј Ковачев.

Идејата на Европската унија е да се надмине омразата, рече Андреј Ковачев, кој ја коментираше друга изјава на Пендаровски дека политиката на Бугарија за блокирање на Скопје на патот кон европското членство не е поддржана од ниту една од земјите-членки.

Премиер Зоран Заев во интервју за Франц Прес изјави: „Создаден е голем гнев меѓу братските народи“ и „Секое прашање за македонскиот идентитет е црвена линија“.

Прочитај и: Заев за Франс Прес: Секое прашање за македонскиот идентитет е „црвена линија“

Премиерот Заев во интервјуто зборуваше и за горчината предизвикана од бугарската политика.

“Многу горчина меѓу нас, меѓу луѓето, во владата, во институциите, бидејќи Бугарија е наш најдобар пријател. Со нив потпишавме договор за пријателство и успешни сме. Бугарија е еден од најголемите поддржувачи на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и сега ова вето беше непријатно изненадување затоа што нашата тенденција е да ги зближиме народите “, рече Заев.

Заев коментираше дека уставот на нашата земја е променет заради европската иднина.

Претходо во петокот бугарскиот премиер Бојко Борисов по телефонскиот разговор со албанскиот премиер изјави дека Бугарија е меѓу најсилните поборници за проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан.

„Во однос на интеграцијата на Република Северна Македонија, уверив дека сме подготвени да ги продолжиме разговорите, но потребна е поголема посветеност од другата страна“, истакна Борисов.

Може ли да се реши спорот со Бугарија до крајот на годинава и да почнеме преговори со ЕУ