Кина започна со вакцинирање против КОВИД-19

Скоро еден милион луѓе ја примиле експерименталната вакцина развиена од кинеската фармацевтска компанија „Синофарм“ како дел од програмата за итни случаи одобрена од кинеската влада и досега не биле регистрирани никакви негативни ефекти кај примателите на оваа вакцина, соопшти управата на компанијата.

Шефот на Синофарм, Лиу Џинјен, потврди дека биле вакцинирани скоро милион луѓе – градежни работници, дипломати и студенти и дека никој немал посериозна реакција на вакцината, објави Си-Ен-Ен.

Тој изјави дека само на 6-ти ноември вакцината ја примиле дури 56.000 луѓе, кои потоа патувале во странство.

Лиу исто така потврди дека Синофарм ја спроведе третата фаза на клинички испитувања во која учествуваа скоро 60.000 луѓе од 10 земји, вклучувајќи ги ОАЕ, Бахреин, Египет, Јордан, Перу и Аргентина.

Синофарм има две различни вакцини.

Уште во август, кинеската влада даде специјално одобрување на компанијата КанСино Бајолоџик да ја администрира својата експериментална вакцина на припадниците на Народноослободителната армија на Кина.