Шпанија најави голем план за вакцинација против Ковид-19

По осум тешки месеци и повеќе од 42.000 смртни случаи, шпанската влада денес објави амбициозен план за вакцинација против вирусот, со очекување дека голем дел од населението ќе биде вакцинирано до следното лето.

-Според нашите предвидувања, во сите разумни сценарија, значителен дел од шпанското население може да се вакцинира, со сите гаранции во текот на првата половина од годината, рече премиерот Педро Санчез.

Во моментот кога се чини дека помина вториот бран на инфекција, премиерот рече дека Шпанија ќе биде првата земја на ЕУ, заедно со Германија, која ќе има глобален план за вакцинација за своите 47 милиони граѓани.

Планот треба да биде усвоен на следната владина седница во вторник, рече Санчез, додавајќи дека неговата влада работи на подготовка на планот од септември и дека Шпанија има значителна логистичка инфраструктура за дистрибуција на вакцини.

Овие изјави се дадени во време кога доаѓаат се повеќе и повеќе ветувачки најави за подготвеноста на вакцините што се развиваат.

Шпанија е една од најтешко погодените од пандемијата во Европа, со повеќе од 42.000 смртни случаи и над 1,5 милиони случаи на инфекција досега.