Докази за канибализам при убиство во Берлин

Германските обвинители велат дека има докази за „канибализам“ во убиството на 44-годишен маж чии остатоци се пронајдени во северен Берлин овој месец, објави АП.

41-годишен маж беше уапсен вчера под сомнение за убиство со умисла од сексуални мотиви. Тој беше уапсен во неговиот дом во близина на местото на остатоците на жртвата.

Според берлинското обвинителство, „осомничениот бил заинтересиран за канибализам“ и пребарувал на Интернет за информации на оваа тема.

Портпарол на обвинителството изјави дека не е јасно дали жртвата е заинтересирана и за канибализам. Според него, двајцата мажи – Германци, контактирале на Интернет. Нивните имиња не беа соопштени.

Во 2006 година, еден човек беше осуден во Германија на доживотен затвор за убиство и јадење на друго лице што го сретнал на Интернет, потсетува БТА.