СЗО: Студија покажа дека оздравените од Ковид имаат мал ризик од инфекција во рок од 6 месеци

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека научната студија спроведена на медицински работници во Велика Британија покажа дека луѓето заразени со коронавирусот имаат многу мал ризик од повторна инфекција во рок од шест месеци по закрепнувањето.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебриезус, одржа виртуелен состанок со експерти за епидемиологија, велејќи дека повеќе инфекции со коронавирус се потврдени ширум светот во изминатите четири недели отколку во првите шест месеци од пандемијата КОВИД -19.

Тој рече дека ситуацијата е особено алармантна во Европа и Северна Америка, каде болниците се веќе полни и се пред колапс поради брзиот прилив на нови пациенти.

“Добивме добри вести за вакцините против коронавирусот и тоа ни дава надеж дека ќе заврши пандемијата. Неопходно е да се користат достапните средства во овој временски интервал за да се запре бранот на ширење на инфекцијата и да се спасат животите на луѓето”, рече Гебриезус.

Во врска со истражувањето кое покажува дека луѓето кои се опоравуваат од инфекцијата со КОВИД-19 имаат исклучително низок ризик од повторна инфекција во рок од шест месеци, шефот на програмата за итни случаи на СЗО, Мајк Рајан, рече дека тоа е одлична вест важно од аспект на разбирање на нивото на антитела кои се развиваат во организмот.

“Ова е потенцијално важна информација. Го продолжува можниот период на заштита. Се надевам дека тој период ќе биде уште подолг. Свесни сме дека има ограничување на тој систем на одбрана, но тоа ни дава надеж за ефективноста на вакцините што може дополнително да го продолжи периодот на заштита”, рече тој.

Споменатото истражување е спроведено од научници од британскиот универзитет во Оксфорд, во периодот од април до ноември, на примерок од 12.000 здравствени работници.