Железницата во Македонија во вештачка кома. Дали ќе станеме единствена држава без државен железнички оператор?

Владата е се погласна во најавите за продажба на единствениот железнички оператор во нашава држава – МЖ ТРАНСПОРТ АД. Засега најавите се во облик на паушални изјави на прес конференции и тв интервјуа, но без никакви конкретни информации за економски анализи и оправданост на една ваква радикална одлука. Дотолку повеќе, ако се знае дека се работи за продажба на едно од најстарите претпријатија во нашава држава со над 147 годишна традиција. Всушност, заедно со Тутунскиот комбинат од Прилеп, за кој исто така има најави дека ќе се продава, се најстарите претпријатија во нашата држава, формирани во далечната 1873 година, велат од комисијата на ВМРО-ДПМНЕ.

“Знаејќи ја комплексната структурна поставеност на Македонски Железници, недостасуваат информации како и во кој облик се планира да се изведе замислената продажба.

Прашање кое најмногу ги интересира околу 1000 вработени во претпријатието, кои присетувајќи се на мрачните приватизации од деведесетите години, живеат во неизвесност и страв, дека може да ги изгубат своите работни места. Кај нив се сеуште свежи сеќавањата од 2005-та година кога над 700 вработени на Македонски Железници останаа на улица без своите работни места.

Во недостаток на информации и јавна дебата во која ќе се вкрстат мислењата на стручните лица од оваа област, останува само да се шпекулира. Но, се поголем е впечатокот дека Владата нема стратегија што сака да постигне со железниците во Република Македонија. Се добива впечаток дека нема анализа што државата ќе добие, а што ќе загуби со продажбата на МЖ Транспорт АД. Колку финансиски средства би се добиле и за што конкретно би се искористиле? Дали граѓаните би добиле подобар железнички превоз и како ќе се гарантира тоа? Ако продажбата ја вршите само да се “оттарасате“ од наталожените децениски проблеми и парите ги потрошите за непродуктивни работи, тогаш тоа е сосема погрешна стратегија.

Многу е битно да се знае дали во пакет ќе се продава целата компанија или патничкиот сообраќај ќе остане под државна капа. Во недостаток на информации се погласни се шпекулациите дека се планира “топтан“ продажба на целата компанија. Ако се случи тоа, тогаш треба да се знае дека Македонија ќе биде единствен пример во Европа без свој државен железнички патнички оператор. Од економски, а пред се од социјален аспект тоа не е добро, затоа што приватниот оператор во едни такви услови, грижејќи се за својот профит, веднаш ќе се откаже од непрофитабилните железнички линии, со што на граѓаните ќе им биде ускратено правото на непречен транспорт од една до друга локација. Во една таква ситуација Владата треба да има анализа дали е подготвена да го субвенционира тој превоз?

Либерализацијата на железничкиот сообраќај со отворањето на европските поглавја е неизбежен, а со тоа и влез на други приватни оператори. Што ќе случи кога ќе се појават и други приватни оператори, дали државата ќе ги субвенционира и останатите оператори, што би претставувало дополнителен финансиски товар. Многу прашања и нејаснотии даваат за право за сомнеж дека власта многу аматерски и паушално го најави овој процес на продажба на Македонски Железници Транспорт.

За разлика од тоа, претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ имаше друга јасна визија за железничкиот оператор МЖ Транспорт АД. Со вложувањето на 50 милиони евра, како никогаш до тогаш, се набавија 150 нови товарни вагони, 6 нови патнички возови, 4 електрични локомотиви, комплет тест опрема за дијагностика во одржувањето, комплетно реновирање на халите за одржување на железничките возни средства итн. Целта на овој проект беше претпријатието да застани на здрави нозе и успешно да го дочека отварањето на пазарот на железничкиот сообраќај. Но, по се изгледа сегашната власт и покрај сите овие инвестиции, се одлучила да се откаже од МЖ Транспорт АД и да го продаде со сите овие набавени ресурси. Што значи, следниот сопственик на МЖ Транспорт ќе наследи добра основа за понатамошна успешна работа.

Лесно е да се продаде, способност е да се оддржува она што го имаш. Со добро менаџирање и со внатрешни структурни реформи за бизнис сегментација и лоцирање на загубите, претпријатието може да биде успешно и во државна сопственот. Всушност не треба да одиме предалеку, треба да ги погледнеме искуствата на нашите соседи, како тие успешно ја реорганизираа својата железница. Еве на пример Хрватска која е земја членка на ЕУ, железницата ја преструктуираше во три правни субјекти: ХЖ патнички превоз, ХЖ Карго и ХЖ Технички сервиси. Сите три правни субјекти се во државна сопственост и успешно работат. Компанијата за товарен превоз ХЖ Карго, самата си обезбедува приходи за своето работење, а додека компанијата ХЖ патнички превоз во еден дел е субвенционирана од државата. Сличен успешен модел на реорганизација на железницата направи и соседна Србија. Но, наместо да ги пресликаме позитивните примери и да направиме структурни внатрешни реформи, ние се одлучуваме за крајниот најрадикален чекор. Во ниту една друга држава од нашето опкружување, не постои пример на држава без своја железница. Ако продолжи власта со својата идеја за продажба, најверојатно ние ќе бидеме уникат. Дали успешен, или не, ќе покаже времето.

Факт е дека Република Македонија никогаш не била во полоша состојба во делот на железничкиот сектор, но дали со продажбата на МЖ Транспорт АД работите ќе се средат или пак, ова за некого ќе биде само уште еден “бомбона бизнис“, останува да видиме”, реагираат од партиската комисија.