Кризна состојба се прогласува заради справување со кризна состојба која претставува ризик по добрата, здравјето и животите на луѓето и животните или опасност по безбедноста на Републиката или на нејзин дел.
Владата донесува одлука за постоење на кризна состојба.
Одлуката за постоење на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена.
Ако кризната состојба продолжи да трае подолго од 30 дена, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.
Советот за безбедност одлучи: Ќе се прогласи кризна состојба во цела држава
Користење на ресурсите
Владата донесува одлука за употреба на ресурсите на органите на државната управа, органите на општините и на градот Скопје, јавните претпријатија, установи и служби, како и на трговските друштва кои се од посебно значење за работа во кризна состојба како и за управување со нив во случај на кризна состојба, во согласност со закон.
Во случај на кризна состојба, по барање на Владата, врз основа на договор склучен со Центарот или доброволно, можат да се употребат и ресурсите на граѓаните и други правни лица кои не се во државна сопственост.
Пендаровски вчера изјави дека Владата ќе може да управува со приватните болници, но како што појасни Пендаровски, тоа не значи национализација и дека средствата ќе им бидат надоместени на болниците.
Нема информација колку ќе плаќаат граѓаните во приватните клиники. Во следниот период ќе имаме детални податоци, рече Филипче.
Вклучување на АРМ
Кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на Република Македонија, а органите на државната управа немаат соодветни ресурси и средства за нејзина превенција и справување, тогаш дел од Армијата учествува во поддршка на полицијата.
За армиското учество во справувањето со евентуална криза, предлог до Владата дава Управувачкиот комитет, а видот и бројот на силите, како и капацитетите на армиските единици, нивната намена, задачите што се бараат и времетраењето на активноста и ангажирањето, ќе се допрецизираат со пропис на претседателот на Републиката.
За учество на дел од Армијата во справувањето со кризна состојба одлучува Претседателот на Републиката, кој е и врховен командант на АРМ. Тој може во секое време да ја преоцени потребата од учество на дел од Армијата.
Претседателот го одредува начинот на армиското учество во кризна состојба, а министерот за одбрана во согласност со министерот за внатрешни работи ги регулираат работите околу обезбедувањето на потребната подготвеност, на обуката и вежбите за евентуално такво учество на Армијата во поддршка на полицијата во случај на кризна состојба.
АРМ целосно ќе се вклучи да помага во соработка со полицијата, но да биде појасно, војската нема полициски овластувања и не може да апсат. Војникот останува војник. Никаде нема да бидат сами, туку во група или со полицијата или во институциите кде ќе бидат распределени. Тие не се тренирани да бидат полицајци. Ќе бидат само во поддршка на институциите, рече Пендаровски.
Управувачки комитет
Заради предлагање на одлуки и обезбедување на постојани консултации, координација, навремена реакција и соодветно искористување на расположливите ресурси во случај на кризна состојба се формира Управувачки комитет.
Управувачкиот комитет е тело на Владата за координација и управување со системот за управување со кризи.
Управувачкиот комитет го сочинуваат министрите: за внатрешни работи, здравство, транспорт и врски, одбрана, надворешни работи и раководителот на Групата за процена. Доколку составот на Управувачкиот комитет не ја одразува соодветната и правична застапеност на заедниците, составот на Управувачкиот комитет се дополнува и со други членови на Владата.
Во зависност од кризната состојба, по потреба, во работата на Управувачкиот комитет можат да се вклучат и други функционери кои раководат со органите на државната управа.
Во работата на Управувачкиот комитет учествува и еден претставник од Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија од редот на членовите на Комисијата од најголемата политичка партија во опозиција и еден претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.