Хронологија на гафови со знамиња на странски држави, па и со нашето знаме, направени од страна на високи државни претставници:
Септември 2018
Австрискиот канцелар Себастијан Курц, беше пречекан со погрешно знаме на официјалната церемонија на дочекот пред Владата, каде со премиерот Зоран Заев минаа пред построената гарда. Место австриско, на јарболот до Курц имаше латвиско знаме.
Знамињата на двете земји се слични, црвено со бела лента на средина, со тоа што австриското е поделено на 3 еднакви делови, а во латвиското белата лента е потесна.
Јули 2019
Претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска го пречекала амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние со погрешно знаме.
Наместо знамето на Франција од каде што доаѓа гостинот, на средбата покрај македонското знаме било поставено знамето на кралството Холандија.
Август 2019
За секој случај и против сите резилили српската премиерка Ана Брнабиќ беше пречекана на платото пред Владата без знаме. Што е сигурно, сигурно е, зашто српската тробојка е незгодна – можеше да биде француското, холандското или не дај боже руското.
Октомври 2019
На средбата помеѓу црногорскиот и македонскиот претседател, Мило Ѓукановиќ и Стево Пендаровски, во Скопје, знамето на Црна Гора беше поставено наопаку. Од кабинетот на Пендаровски со писмо му се извиниле на Ѓукановиќ, пренесуваат црногорските медиуми.
„Кабинетот на претседателот на Северна Македонија се извинува поради направениот превид во текот на официјалната посета на претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. Направен е ненамерен превид при поставување на знамето на Црна Гора на тет-а-тет средбата на двајцата претседатели“, се наведува во писмото од кабинетот на Пендарвоски.
Ноември 2019
Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, сакајќи да ги следи модните трендови на социјалните мрежи, наместо со зборови, се обиде со сликички да ѝ се заблагодари на Холандија што го ратификувала протоколот за НАТО. И ја утна работата со тоа што наместо знамето на Холандија го стави знамето на Јемен.
Пред 3 дена
Вицепремиерката на својот фејсбук профил пишува „Денот на носачот на авиони “Хари Труман” низ фотографии. На авионот зад нас од ескадрилата на САД е аплицирано и нашето знаме. Членството во #НАТО на дело.“
По ова јавноста започна бурно да реагира, а на социјалните мрежи се појавија и статуси во кои и порачуваат на министерката дека знамето зад нив е знамето на Аризона (американска сојузна држава), а не на Македонија.