Осоговските планини се прогласени за заштитен предел, за дел од Водно започнува постапка

Владата вчера донесе Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејсажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата.

Вкупната површина на Заштитен предел – Осоговски Планини изнесува 48807,16 хектари, a со него ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.

Mинистерот Насер Нуредини во име на МЖСПП изразува благодарност до Програмата за зачувувуње на природата во Северна Македонија (ПЗП), Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Фармахем Скопје, Македонско еколошко друштво, Национални Шуми и сите други инволвирани страни што го поддржаа овој процес, се вели во соопштението од МЖСПП.

Владата донесе и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел, со што Министерството за животна средина и просторно планирање ќе може да ги започне постапките за прогласување согласно законските процедури.

Владата ја разгледа и прифати апликацијата за номинирање на Охридско Езеро за место во Светската Рамсар Листа.

Со тоа, Министерство за надворешни работи во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање ќе може да ја започне постапката и да ја достави апликацијата за номинирање на Охридско Eзеро за место во Светската Рамсар Листа до Секретаријатот на Рамсараска конвенција до крајот на оваа година.