Денеска на прес конференција, пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска –Ванчева, ја обвини пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека со сите сили се обидува да ги спречи реформите во правосудството.
Преку блокади на законски решенија, со поднесување на стотици амандмани пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да го спречат изгласувањето на клучни закони за кои имаме поддршка и од Европската унија, истакна Калеска – Ванчева.
Според неа ова е намера на опозицијата да го блокира законот кој треба да обезбеди создавање на квалитетни судии и обвинители.
Таа истакна дека за овој Предлог закон владејачкото мнозинство, на комисиската седница, преку конструктивна дебата прифати повеќе амандмани поднесени од опозицијата.
За Предлог законот за Академија за судии и јавни обвинители, кој на денешната собраниска седница е во второ читање, ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 950 амандмани.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно обвинија дека со ваквото законско решение на СДСМ не им е битно државава во иднина да има професионални и независни судии и обвинители, туку подобни судии и обвинители и дека ова законско решение е многу штетно и не го подобрува правниот систем туку дополнително ќе го партизира и уништи.
Исто така критикуваа и на злоупотребата на европското знаменце на предлог законот, бидејќи истото не било за да се усогласи законот до некоја ЕУ регулатива, туку само за скратување на роковите за постигнување на политичката цел на власта да ги дерогира стандардите за упис на Академијата, со директно мешање на претставникот на министерството за правда во испитната комисија.
На расправата на Комисијата за политички систем укажуваа дека власта има цел наместо мерит систем и квалитет, да воведат принцин на дискреција за подобни луѓе и роднини, синови и ќерки на високи судски функционери, високо рангирани обвинители и актуелни политичари да одлучуваат кој ќе бидат идни судии и јавни обвинители по теркот влијателните луѓе од власта.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ испратија и писмо до евросамбасадорот Самуел Жбогар во кое наведоа низа критики на Законот за академија за судии и јавни обвинители.