Анализа: Што е ветинг и дали ни е потребен?

Во Македонија во последниов период сме сведоци на разно разни барања и предлози за ветинг на судии, ветинг на носители на јавни функции, проверка на потеклото на имот кај сите функционери и сл.

Секоја од партиите предизборно нуди свој модел на „ветинг“.

Што во суштина претставува ветингот?

Постапката за „израмнување на сметки“ со комунизмот односно авторитарното владеење се појавува во неколку форми, но најчесто, освен ветингот, се применуваат и: декомунизација и лустрација. Поимите и формите се многу блиски и многу е мала разликата помеѓу нив, посебно помеѓу ветингот и лустрацијата.

Декомунизацијата е постапка каде што лицето се цени според тоа дали било член на некоја од многуте комунистички организации.

Лустрацијата е поограничена форма која подразбира проверка дали лицето било регистрирано од страна на министерството за внатрешни работи како соработник на тајните служби. Јасна разлика помеѓу лустрацијата и ветингот се уште не може да се направи, така да во некои држави лустрацијата се именува како ветинг и обратно.

Постапката на проверка се смета за добар институционален механизам на транзициските демократии, да ја оценат соодветноста на судиите и обвинителите за вршење на нивните јавни функции. Различното национално наследство, базирано на историјата, политиката, социјално – економските фактори на земјите од Западен Балкан, овозможува специфични ветинг пристапи. Државите како што се Унгарија, Босна и Херцеговина и Чешката Република, ја имаат преземено  ветинг постапката како механизам за институционална реформа, најчесто како пост – конфликтна мерка.

Во Албанија се опфатени судиите, јавните обвинители, правните советници на Уставниот суд и Високиот суд, правните советници на административните судови, поранешни судии и обвинители итн.

Во Босна и Херцеговина опфатени се два сектора: полицијата и правосудство.

Во Полска, Украина и Унгарија, освен лицата кои извршуваат значајни државни функции (премиерот, министрите, пратениците и др.), се проверуваат и научници, новинари, сопственици на медиуми, директори на претпријатија во државна сопственост, директори на училишта, даночни советници, ревизори (Полска), началникот на службата за претседателска администрација, претседателот на Државниот комитет за телевизија и радио и други категории на функционери на централните и локалните власти.

Во Чешка се проверуваат и офицери и соработници на Државната безбедносна служба, високи функционери на Комунистичката партија, членови на Народната милиција или студенти на определени високообразовни установи, определени функции во Министерството за внатрешни работи, Полицијата и Казнениот систем.

Во некои од државите надлежни се специјално формирани тела/органи, а во други работата е оставена или на Министерството за правда или на Министерството за внатрешни работи, на судовите или на други државни органи.

Што е суштината на ветингот?

Kлучна задача на сите држави е реформата на јавните институции, која треба да биде ефективна и одржлива, бидејќи само фер и ефикасни јавни институции можат да придонесат за спречување на злоупотреби кои се однесуваат на почитување на човековите права, незаконско постапување во начинот на вработување, именување и назначување.

Постапката на проверка може да се дефинира како оценување на интегритетот на определено лице за утврдување на неговата соодветност за вработување на определено работно место во јавна институција или негово задржување на работното место или функција на која моментално се наоѓа.

Имено, тоа е и целта на оваа постапка – исклучување на лицата без интегритет заради враќање или одново воспоставување на довербата на граѓаните и на легитимитетот на јавните институции.

Институционалната реформа најпрвин треба да им даде приоритет и да ги опфати војската, полицијата, разузнавачките служби, правосудните и другите институции кои всушност го подржуваат и спроведуваат владеењето на правото. Ова се институциите кои се директно одговорни за одржување на стабилноста на една држава, мирот, но и заштитата на човековите права во целина. Реформата на овие значајни институции, како и проверка на лицата кои се таму вработени, создава услови за ефективна транзиција кон владеење на правото.

Искуства

  • Албанија со добивањето статус земја – кандидат за влез во ЕУ во 2014 година, доби голем број услови од страна на ЕУ меѓу кои и преиспитувањето на судиите и обвинителите, или попознато како ветинг процец. Заради оваа причина постигнат е договор помеѓу Владата и опозицијата на Албанија за донесување пакет судски реформи, меѓу кои и донесување на Законот за транзициско преиспитување на судиите и обвинителите во Република Албанија.

Законот во Албанија дава можност да се спроведе темелна истрага на лицата вклучени во судскиот систем на Албанија. Вработените кои биле вмешани, се изложени на определени санкции како отстранување од функција, спречување идно именување на истата функција, притисок за доброволна оставка или соочување со јавноста за нивното минато.

Постапката на проверка се спроведува преку три клучни елементи: проверка на вредноста на имотот; проверка на минатото и проверка на стручноста, знаењето.

Приближно 800 судии и обвинители низ Албанија поминале низ процесот за проверка на нивниот интегритет, криминалната позадина и професионалните компетенции.

Од разгледаните случаи, скоро половина од нив резултирале со разрешување или доброволна оставка.

  • Полска и Украина го имаат примерот со лустрацијата кој кај нас беше спроведен.

Целта на Законот во Полска од 1997 година била насочена кон лицата кои соработувале со државните безбедносни органи во минатото, да и признаат и да се соочат со јавноста за стореното.

Подоцна, имајќи го искуството со претходниот Закон, во 2006 година е усвоен нов Закон за лустрација во кој биле воспоставени поинакви цели за целиот процес на проверка. Појдовна точка е претпоставката дека извршувањето на  јавната функција бара висок морал и може да ја извршуваат само лица кои никогаш не соработувале со државните безбедносни органи и кои поседуваат сертификат да го докажат тоа. Целта на овој закон е да им го обезбеди на

Во Украина Законот за лустрација е усвоен во септември 2014 година и лустрацијата во Украина се однесувала на сите политички функции: премиерот и министрите, Јавниот обвинител и членовите на Високиот судски совет, административни позиции  како и многу други категории на функционери на централните и локалните власти.

Лицата кои се предмет на проверка и лустрација во Украина, немаат можност да докажат дека иако биле на таа функција не биле дел од никакви злоупотреби на човековите права и не биле дел или не давале поддршка за било какви антидемократски мерки. Исто така, доброволната оставка не ги исклучувала од понатамошна постапка на контрола.

  • Во Унгарија има цела историја на донесени закони во врска со постапката на ветинг и лустрација. Законите опфаќале широк спектар на јавни функции – од пратеници па се до високи јавни службеници. Истрагата имала за цел да востанови дали овие лица биле вмешани во специфични активности поврзани со Државната тајна полиција од Министерството за внатрешни работи. Доколку со истрагата се констатира вмешаност, лицето имало можност да даде оставка од функцијата и во тој случај информациите за спроведената проверка не излегувале во јавност, во спротивно судот можел да донесе одлука и да ја направи добиената информација достапна за јавноста.

Најдобриот модел за Македонија?

Во Македонија најдобро ќе биде да се изнајде специјален механизам кој ќе послужи за откривање на ваквите случаи во форма на Закон, а неговото спроведување да го прави постојано независно тело во чиј состав би влегле експерти, професионалци и луѓе од јавниот живот во кои граѓаните ќе имаат доверба, и нормално, со постапката за ветинг да започнат од себе.

Сложеноста на оваа постапка, без разлика како ќе биде именувана и на кој начин ќе биде спроведена потребно е да биде прифатена најпрво од сите политички чинители во државава, релевантните невладини организации, па за да може и граѓаните да стекнат доверба во ваквиот процес.

Б.С.