Според Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), нашата земја се наоѓа на осмо место во светски рамки, по количината на фрлена храна според бројот на жители.
Парадоксот е во тоа што често сме рекордери во фрлање на храна, а од друга страна има многу социјални категории кои се соочуваат со недостаток на едно од основните средства за преживување – храна. Дури 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна, што е особено загрижувачки податок.
Министерот за земјоделство Трајан Димковски на денешната консултативна работилница за креирање стратегија и надминување на овој проблем, вели дека ова е загрижувачки податок кој јасно укажува на важноста на проблемот и потребата од усогласени политики и преземање акција на сите нивоа. Со намалување на отпадот и дистрибуција на вишокот храна до луѓето на кои им е потребна, би можело значително да се ублажат гладта и сиромаштијата кај нас.
Тој го најави новото законско решение кое ќе овозможи донирање на вишокот храна и нејзино безбедно завршување кај ранливите категории граѓани. Предлог-текстот предвидува организирање соодветен систем за донирање на храната, негово спроведување преку формирање посебна група оператори со храна кои ќе работат со донираните количини, одредување категории на корисниците на храната и мерки за безбедноста на донираната храна.
Како што беше речено на работилницата, во светски рамки речиси една третина од вкупно произведената храна на годишно ниво се фрла, 800 милиони луѓе живеат со ризик од глад, додека пет милиони деца умираат. Милениумската цел на Обединетите нации до 2030 година да се преполови отпадот од храна, придонесе голем број земји да преземат активности во оваа насока и наместо фрлање, храната да се донира на најзагрозените.