Постои сомнеж дека само во последниве 30 дена, во Дирекцијата за заштита и спасување, по партиска линија, на лица блиски до власта им се овозможува масовно вработување на определено и неопределено време, токму сега во предизборието.
Имено почнувајќи од ноември, ДЗС распишува оглас за двајца раководители во ПО Гази Баба и ПО Штип за да може, како што се сомневаат дел од вработените, партиски кадар од Кавадарци да го вработи во ПО Штип, а потоа преку мобилност на распоредување да го врати како Раководител во Кавадарци.
Следно на 16.11.2019 се распишува оглас за вработување на определено време на 8 лица за кои се носи одлука за избор на 28.11.2019, а вработувањето е до крај на 2019 година, истите и претходно се вработени исто така на определено време од страна на сегашниот директор, па на овој начин да ја дополнат годината. Огласот го нема на страната на ДЗС но ја има објавата за избор.
На 28.11.2019 се распишува оглас за Раководители на неопределено време во ПО Струмица и ПО Валандово и уште 4 други работни места во ДЗС. Двете раководителски места по примерот на ПО Штип веќе се однапред „капарисани“ според тврдењето на вработените, за лица активисти на СДСМ и тоа во ПО Валандово се прима лице кое веќе на определено време е Раководител во ПО Крива Паланка, а во ПО Струмица местото е резервирано за лице од Кичево кое и сега е времено вработено како Раководител во ПО Кичево. Што е уште поинтересно на сите овие лица со претходните огласи за определено време им е продолжувано вработувањето до 31.12.2019 година.
За да се реализираат ваквите вработувања, на само 10 дена пред објавување на огласот за раководител во ПО Струмица е сменета систематизацијата при што е избришана една од трите предвидени стручни спреми и заменета е со видот на образовани кое го има лицето од Кичево (факултет за безбедност).
Од увидот во Систематизацијата на работни места во Дирекцијата може да се забележи дека кај раководителите во различни подрачни одделенија на Дирекцијата се бара различно образование, за Кавадарци се бара Градежништво и водостопанство или одбрана, за Демир Хисар одбрана или правни науки, во Куманово одбрана или економски науки, за Струмица градежништво и водостопанско, одбрана или правни науки итн.
И покрај поплаките од вработените, Дирекцијата продолжува да објавува нови огласи па на 03.12.2019 (дванаесет лица на определено време) и на 06.12.2019 (две лица на неопределено време), вработените стравуваат дека повторно се работи за задоволување на партиските кадри од власта и замислете лицата кои ќе бидат вработени веќе се познати и во ДЗС се шпекулира со нивните имиња.
Како што дознаваме од вработените, дополнително во ДЗС се спроведуваат внатрешни унапредувања, а моментално се планирани најмалку уште 15 унапредувања и пак вработените стравуваат дека истите ќе бидат само за лицата блиски до власта, а не важат за другите вработени кои иако ова го чекаат десет па и повеќе години.
Вработените во Дирекцијата бараат од Владата и независните инстиуции во државава да се истражат ваквите вработувања и да се преземат соодветни мерки спрема надлежните во Дирекцијата.
Објавените огласи линк.