Совети за лесна, финансиски прифатлива и здрава исхрана во време на Ковид-19

Епидемијата на корона вирусот (КОВИД-19) го испреврте животот на семејствата во светот. Со затворањето на училиштата иградинките, поголем дел од денот многу родители се заглавени дома балансирајќи меѓу грижата за децата, работата и другите обврски. Смислувањето „Што да се јаде?“ е  еден таков секојдневен предизвик.

За работите да бидат уште потешки, со паничното купување и нарушувањата во системите за снабдување некои видови храна сега потешко се наоѓаат. За многумина, кои останале без работа и приход, купувањето станува дополнителен финансиски предизвик.

Еве пет начини вашите деца да имаат разновидна, здрава исхрана со која ќе се поддржи нивниот раст и развој, истовремено градејќи здрави прехранбени навики.

5 совети за здрава исхрана

  1. Зголемете го внесот на овошје и зеленчук

Набавката, чувањето и готвењето свеж зеленчук може да биде предизвик кога сѐ е затворено, особено кога на родителите им се препорачува да го ограничат излегувањето од дома. Но, важно е децата и натаму да добиваат доста овошје и зеленчук во исхраната, секогаш кога тоа е можно.

Секогаш кога можете да купите свежзеленчук и овошје, сторете го тоа. Освен што се јадат свежи, овошјето и зеленчукот може да се замрзнат, при што ќе ги задржат повеќето хранливи материи и вкусот. Свежиот зеленчук зготвен во поголеми количества супи, чорби или други јадења трае подолго и претставува разновиден оброк за неколку дена. Исто така, овие јадења може да се замрзнат, а потоа набрзина да се подгреат.

  1. Кога нема свежо овошје и зеленук, заменете го со здрави сушени или конзервирани алтернативи

Свежото овошје и зеленчук скоро секогаш е најдобрата опција, но кога не е достапно, има низа здрави алтернативи што се лесни за чување и подготовка.

Конзервираниот грав и наут, кои обезбедуваат изобилство од хранливи материи, може да се чуваат со месеци, а може и на повеќе начини да се вклопат во оброците. Конзервираната мрсна риба како сардини, скуша и туна, е богата со протеини, омега 3 масни киселини, и многу витамини и минерали. Таа може да се користи ладна во сендвичи, салати или јадења со тестенини, или пак зготвена како дел од топол оброк.

Конзервираниот зеленчук, како на пр., доматите, содржи помалку витамини од свежите производи, но претставува одлична резервна опција кога е тешко да се дојде до пресен или замрзнат зеленчук.

Гравот,  леќата, грашокот, оризот, исто така, се хранливи, долготрајни опции кои се вкусни, финансиски прифатливи и заситуваат. Овесот приготвен со млеко или вода може да послужи како одлична опција за појадок, и да се зачини со јогурт, сецкано овошје или суво грозје.

  1. Направете резерви од здрави закуски

Често, во текот на денот, децата треба да каснат ужинка или две за да останат активни. Наместо да им давате слатки или солени грицки, изберете поздрави опции како јаткасти плодови, сирење, овошен јогурт (по можност незасладен), сецкано или сушено овошје, варени јајца или други локално достапни здрави опции. Тие се хранливи, повеќе заситуваат, и помагаат да се изградат здрави прехранбени навики за цел живот.

  1. Ограничете употреба на високо преработена храна

Иако можеби нема секогаш да можете да користите свежо овошје и зеленчук, обидете се да го ограничите количеството на високо преработени прехранбени производи во кошницата. Готовите јадења, спакуваните грицки и десерти често имаат многу заситени масти, шеќери и сол. Ако сепак купувате преработена храна, погледнете ја етикетата и изберете поздрави опции што содржат помалку вакви состојки. Обидете се да избегнувате и засладени пијалаци, па наместо нив, пијте многу вода. Додавањето овошје или зеленчук, како на пр., лимон, парчиња краставица или ситно овошје во водата е одличен начин за добивање убав вкус и мирис.

  1. Направете ги готвењето и јадењето забавен и значаен дел од семејната рутина

Готвењето и јадењето заедно се одличен начин за создавање здрави навики, зацврстување на семејните врски и забавување. Секогаш кога можете, вклучете ги децата во подготовката на храна – малите деца може да помогнат со миење или сортирање на прехранбените продукти, додека поголемите може да добијат посложени задачи и да помогнат со поставување на масата.

Трудете се што повеќе да се придржувате до фиксно време за јадење како семејство. Ваквата структура и рутина помагаат да се намали вознемиреноста кај децата во овие стресни времиња.

Совети за доенчиња

Мајчиното млеко и натаму останува одлична храна за новороденчињата и децата на возраст од 6 до 24 месеци. Ако сакаат, жените со КОВИД-19 може да продолжат да дојат, но  треба да практикуваат респираторна хигиена при хранењето, носејќи маска кога е достапна; да ги мијат рацете пред и по допирање на бебето; и редовно да ги чистат и дезинфицираат површините што ги допреле. Ако не им е добро да дојат поради вирусот или други компликации, мајките треба на секаков можен начин да се поддржат да обезбедат мајчино млеко за новороденчињата.

Извор: Unicef.org