Загадувањето на воздухот во земјава предизвикува сериозна загриженост поради тоа што граничните вредности, особено оние за концентрациите на суспендирани честички кои се утврдени со цел да се заштити здравјето на луѓето, се надминуваат во голема мера.
Ситуацијата е најсериозна во најголемите урбани средини, особено во Скопје и западна Македонија.
Идентификувани се неколку извори и причини за големите проблеми со квалитетот на воздухот, но тие може да се разликуваат во рамките на самиот град, како и да варираат помеѓу различните градови.
Користењето дрва за загревање на домаќинствата во зимскиот период предизвикува сериозни проблеми со квалитетот на воздухот во густо населените резиденцијални области, бидејќи најголемиот дел од домаќинствата во земјата сè уште користат дрва како примарен извор за греење.
Националното законодавство ги дефинира граничните вредности и праговите за информирање и алармирање за концентрациите на загадувачките суспстанци во амбиентниот воздух.
Прагот на алармирање означува ниво на концентрација над кое постои ризик од кратка изложеност по здравјето на луѓето во целина и во случај кога треба да се преземат непосредни чекори за подобрување на квлитетот на воздухот. Во законодавството дефинирани се праговите на алармирање за концентрациите на РМ10 честички. За праг на нормална концентарција на ПМ10 во воздухот се зема 50 μg/m3 на дневно ниво и 40 μg/m3 на годишно ниво, се што е над овие врдности се смета за недозволиво загадување
Овој праг на загадување на воздухот со ПМ10 честички веќе денови наназад е над дозволеното ниво.
Интересно е тоа што може да се забележи од графиконите дека покачување на загадувањето со ПM10 честички на над дозволеното имаме со почеток на грејната сезона, односно од 15 октомври навака.
Само Гевгелија и Кочани нема забележано покачување на загадувањето на воздухот во октомври.
Оттогаш навака во континуитет до денес, нивото на загаденост на воздухот е над дозволеното.
Податоците за среднодневните концентрации на ПМ 10 честичките се над рамките на граничната вредност на повеќе мерни места во минативе два дена.
Прагот на информирање на честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 100 µg/m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерните места во Скопје – Центар, Гази Баба и Лисиче, Тетово, Гостивар, Велес 2 и Кавадарци.
Во вакoв случај Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје треба да ги дадат следните Препораки:
Ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.
Што се ПМ10 честички?
Мали вдишливи честички со дијаметар помал од 10 микрометри (PM10) кои може да бидат едни од најштетните загадувачки супстанции во воздухот. Може да продрат длабоко во респираторниот систем на луѓето.
Штетните честички се емитуваат во атмосферата од голем број на извори, како на пример издувниот систем на возилата, греењето во домаќинствата, индустриските процеси, електраните, согорувањето на земјоделскиот отпад, согорувањето на отпад од дивите депонии и дворовите и шумските пожари. Емитираните честички, исто така, со помош на хоризонталните воздушни струења може да се пренесат стотици километри од изворите на емисија.
„План за чист воздух“ од идеја до „реализација“
Намалување на загадувањето до 50% за две години
Пред две години тогашниот заменик-министер за животна средина Јани Макрадули, на ,,голема врата” го промовираше Планот за чист воздух.
„Оваа програма има план да го намали аерозагадувањето во Скопје до 50%, додека во другите градови коишто се жртви повеќе од некои други намалувањето е помеѓу 30% и 50%. Начинот на финансирање на активностите е почетен посебен фонд од 1,5 милиони евра и овие средства се дополнителни, покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани со заштита на животната средина во висина од 20 милиони евра“, рече тогаш заменик – министерот Макрадули.

Од „О2 Иницијатива“ тогаш наведоа многубројни недостатоци на овој План, кои укажуваа дека целта нема да биде реализирана, а таа беше до крајот на овој месец да имаме до 50% намалено аерозагадување во Скопје, и од 30% до 50% во другите градови.
„Ниту од Влада на Република Северна Македонија, ниту од Министерство за животна средина и просторно планирање, ниту План за чист воздух, никој не зборува повеќе во јавноста за овој План, иако ќе треба да се излезе со финалните анализи, кои се причините поради кои не ја исполнил целта, што од ветеното во планот е исполнето, а што не и зошто, и дали некој конечно ќе преземе одговорност за неисполнување на планот и неостварените цели“, велат од „О2 Иницијатива“.
Што велат од Министерството за животна средина и просторно планирање
До Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) доставивме прашање колку и во кој степен е реализирана оваа мерка, дали има намалување на загадувањето и за колку проценти во Скопје и другите градови во државата?
Оттаму ни одговорија дека обезбедени се финансиски средства за имплементација на мерките кои се однесуваа на замена на нееколошките начини на загревање на административните капацитети како и зголемување на енергетската ефикасност.
„За имплементација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година се обезбедени финансиски средства од 121,000,000 денари, а за Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 се обезбедени финансиски средства од 100,000,000 денари, и преку истите се врши имплементација на горенаведените мерки. Ваков вид на програми со обезбеден буџет за имплементација на мерки кои се однесуваат на редукција на аерозагадувањето ќе се имплементираат и во наредните години.
На графиконот даден подолу се прикажани годишните концентрации на РМ10 од сите мерни места во државата од 2005 до 2019 година и се бележи тренд на опаѓање на концентрациите кои се должи на преземените мерки од страна на институциите на централно и локално ниво“, се вели во одговорот од министерството.
„Сеуште неможе да се направи споредба со концентрациите на PM10 за 2020 година, бидејќи за годишна анализа на истите потребно да заврши годината, како би можело да се пресмета просечна годишна концентрација и број на денови со надминување на среднодневната гранична вредност.
Дополнително сакаме да укажеме дека големо влијание врз квалитетот на воздухот има и местоположбата на градовите и нивната поставеност во котлина, затоа што при неповолни метеоролошки услови во зимскиот период односно при намалено струење на атмосферата и појава на температурна инверзија има појава на повеќе дневна стабилна атмосферска состојба при што емитираните загадувачки супстанци се акумулираат во долините што допринесува за зголемување на концентрациите на загадувачките супстанци“, велат од МЖСПП.
Факт е дека далеку е од реализација целта со Планот за чист воздух со кој аерозагадувањето во Скопје требаше да биде намалено за 50 проценти, а во другите градови до 30% во рок од две години.
Мерни станици
Едно од основните начела на „планот за чист воздух“ е справување, односно спречување со изворите на загадување преку Мониторинг – комплетна замена на сите инструменти во 18 мониторинг станиците и примена на современи математички модели за моделирање и соодветно предвидување на аерозагадувањето.
Од „О2 Иницијатива“ пред некое време обвинија дека 21 инструмент од мерните станици за мерење на квалитет на воздухот не работат, но 2/3 од средствата наменети за набавка на делови и нови инструменти се скратени.
Ги прашавме од МЖСПП колку средства се инвестирани за Мониторинг на квалитетот на воздухот и колку е подобрен системот за следење на квалитетот на воздухот? Колку мерни станици (функционални) за квалитетот на воздухот постојат во држава?
Од Министерството за животна средина и просторно планирање ни одговорија следново:
„Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот располага со 18 фиксни автоматски мониторинг станици и една мобилна автоматска мониторинг станица.
Моментално сите мониторинг станици за квалитет на воздух во рамките на Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух се во функција. Единствено поедини мерни инструменти во рамките на станиците се исклучени поради технички причини.
МЖСПП интензивно работи на решавање на проблемот на замена на застарените мерни инструменти со нови.
Во 2019 година се набавија 6 инструменти за мерење на PM10. Едниот инструмент во септември 2019 година се постави во станицата Гази Баба и во декември 2019 година се заменија инструментите од мониторинг станиците: Лисиче, Велес 2, Кавадарци, Кичево и Гостивар. За оваа цел од буџетот на МЖСПП беа обезбедени средства од 106.000 евра“ велат од МЖСПП.

Дополнително додават дека набавка на нови мерни инструменти е планирана и во рамките на проектните активности кои се спроведуваат во МЖСПП. Имено, набавка на една нова мониторинг станица (Гевгелија) и замена на мерните инструменти од веќе постоечка мониторинг станица Битола 1, се веќе реализирани активности во рамките на проект финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција и опремата е инсталирана и пуштена во функција во октомври 2020 година и за кое се потрошени 189.985 евра. Во тек е набавка на инструменти за мерење на концентрација на PM2.5. Два инструмента ќе се набават со финансиски средства од Буџетот на МЖСПП за 2020 година и нивна инсталација ќе се реализира до крајот на 2020 година, а останатиот дел во рамките на проект финансиран од SIDA (Шведската агенција за меѓународна соработка. Во рамките на овој проект планирана е и замена на 11 застарени инструменти од ДАМСКАВ со нови со одобрен буџет од 400.000 евра. Замена на другите мерни инструменти од постоечките мониторинг станици е планирана и со ИПА 2 програмата, финансирана од ЕУ, и во периодот од 2020 до 2022 година инструментите од ДАМСКАВ ќе бидат комплетно заменети зависно од проектната динамика со буџет од околу 500.000 евра.
Справување со извори на загадување
„Десет илјади домаќинства ќе бидат приклучени на постојниот топлински оператор, топловодната мрежа ќе биде проширена, а врз основа на анализата која што ја направивме, ДДВ-то на испорачана топлинска енергија ќе го намалиме од 18% на 5%. Понатаму, 20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3 илјади домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20 илјади ќе набават инвертер клима уреди за затоплување, а две илјади домаќинства од ранливите категории граѓани субвенционирано ќе го променат начинот на греење. После две години нема да има ниедно домаќинство кое ќе се грее на јаглен, нафта или кокс“, истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули пред 2 години.

Според податоците на порталот на Град Скопје, 812 субвенции се доделени на граѓани за печки на пелети. Ова е далеку од предвидената бројка во планот за чист воздух дека 20.000 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва.
Во 2019 година Градот Скопје доделил 1379 субвенции за инвертери, бројка далеку од предвидената 20.000.

Засилени инспекции
Како една од клучните мерки во Програма за намалување на аерозагадувањето „план за чист воздух“ беа и засилените инспекции.
Ги прашавме МЖСПП колку инспекциски надзори се извршени и кои мерки се изречени, со цел да се обезбеди целосна примена на релевантните законски прописи за заштита на животната средина?
„Се работи на координација и зајакнување на инспекциски контроли. Имено во однос на работата на Државниот инспекторат информираме дека надзорите се одвиваат според планот за работа кој во зимскиот период е поинтензивен и предвидува зајакнати редовни и вонредни инспекциски надзори со оглед дека одредени инсталации кои се во надлежност на ДИЖС во зимскиот период имаат поинтензивни емисии во воздухот. Исто така, освен инспекциските надзори во индустријата, зајакнати се и контролите на стационираните извори на загадување со помал капацитет. Се мисли на правните субјекти кои се со елаборати за животна средина одобрени од МЖСПП, а имаат одредени емисии во воздухот, одговорија од министерството.
Од Извештајот од работата на ДИЖС
Во периодот 1 јануари – 31 октомври 2020 година од сите три видови на инспектори (за животна средина, заштита на природата и водостопанство) реализирани се вкупно 1.331инспекциски надзори од кои 1.056 се редовни/планирани инспекциски надзори, 170 вонредни инспекциски надзори и 105 контролни инспекциски надзори.
– од страна на сите државни инспектори во ДИЖС се изготвени 120 решенија со кои се наредува отстранување на констатирани недостатоци за време на инспекциксите надзори во определен законски рок, односно се забрануваат одредени дејствија на правните субјекти во одреден законски рок.
– Покренати се 11 прекршочни постапки, нема покренато кривична постапка.
– За месец ноември се планирани 147 инспекциски надзори, а во текот на целата зимска/грејна сезона инспекциските надзори се со засилен интензитет, во комбинација редовни/планирани и вонредни инспекциски надзори како и координација со останати инспекциски служби на централно и локално ниво.
Планот за чист воздух содржи уште низа други планирани мерки кои се далеку од релизација, а за кои следниов период ќе се обидеме да ве информираме за степенот на нивната реализација.
А.С.