Собранието ќе ги испитува причините за доведување до стечај на Еуростандард банка преку надзорна расправа

Денеска во Собранието на Република Македонија Комисијата за финансирање и буџет ќе одржи надзорна расправа на тема: ,,Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка АД Скопје“.

Седницата на комисијата е закажана за 13 часот.

Иницијативата за одржување на Надзорната расправа е поднесена од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“.

Како сведоци се очекува да присуствуваат гувернерката на Народна банка, сопственикот на Еуростандард банка Трифун Костовски, управителот на банката, претставник од здружението на оштетени штедачи и др.

Што е надзорна расправа?

Надзорна расправа се одржува со цел да се добијат информации и стручни мислења за прашањата од делокруг на собраниската комисија во врска со утврдувањето и спроведувањето на политиката, извршувањето на законите и другите активности на Владата и на органите на државната управа.

Надзорната расправа ја спроведува матичното работно тело на Собранието кое може на седница да покани овластени претставници на Владата или на органите на државната управа и да побара од нив информации и појаснувања што се предмет на надзорната расправа.

Сведоци

На надзорната расправа можат да бидат поканети и други лица кои можат да дадат информации за прашањата што се предмет на надзорната расправа.

Поканетите овластени претставници имаат обврска да присуствуваат на седницата на која ќе се одржи надзорната расправа.

Концептот на надзорната расправа е таков што од една страна седат пратениците, а од друга страна поканетиот во својство на “сведок“ при што му се поставуваат прашања во врска со темата, а истиот во определен перод треба да одговори.