Неизвесно е дали Законот за одбрана ќе го добие потребното двотретинско мнозинство гласови. Од власта очекуваат пратенциите од сите политички партии на денешната собраниска седница да покажат дека се за членство во НАТО и да го поддржат законот.

Владејачкото мнозинство вели дека единствен аргумент на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не даде поддшка, е тоа што во законот е наведено името Република Северна Македонија, кое стои и на ратификацијата на договорот за НАТО, што треба да помине во Собранието.

Со законот треба да се исчистат неусогласеностите и да се уредат обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО, односно преоѓањето од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана.

Се уредува и процедурата за учество во мисии и операции на НАТО, односно сите наши учесници во мисии, без разлика дали се цивилни лица или припадници на Армијата, ќе ја носат униформата на Македонија, а обележјето ќе биде исклучиво знамето на државата. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана, веќе доби зелено светло од собраниската Комисија за одбрана и безбедност, но без членовите од ВМРО-ДПМНЕ. Осум членови беа „за“, немаше против и воздржани. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија Комисијата на почетокот на седницата.