Премиерот Зоран Заев најавува градење на заеднички ставови за препораките на Венецијанската комисија, за да имаат соодветна примена.

„Веќе до крајот на неделата кај мене ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да можеме да го усогласиме ваквото решение за навистина препораките од Венецијанската комисија да го добијат она за кое што со причина укажуваат, а тоа е растење на капацитетите на самите институции заради примената“, изјавува премиерот Заев.

Од друга страна, вицепремиерот Бујар Османи смета дека нема потреба од менување на Законот за јазиците, туку дека треба да се најдат начини за спроведување на мислењето на Венецијанската комисија. Најавува добри акциони планови за да се создадат капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвика никакви проблеми во судството.

„Можеби има различни интерпретации за начинот како ќе се имплементираат тие препораки. Венецијанската комисија, вели, не смее двојазичноста поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциони планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството“, вели вицепремиерот Османи.

Пратеникот на ДУИ Артан Груби гостувајќи во емисија на телевизија Телма изјави дека договорот бил да се испратат на мислење пред Венецијанската комисија само делови од Законот, односно само деловите од членот 8, параграф 1 кој се однесува на парите, униформите и хартиите од вредност и мислење да се добие од Венецијанската комисија само по тој параграф.

ДУИ не е согласна целиот закон да се разгледува во Венецијанската комисија бидејќи законот одредува материја од Охридскиот рамковен договор и го заокружува нормативниот дел, вели Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат амандмани на Законот за употреба на јазиците.