САГАТА ЗА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ – КИЧЕВО

Со жалење и огромно разочарување, еве во предвечерието на новогодишните и божиќни празници кога обичните и нормални смртници ги сумираат резултатите од годината што заминува на личен и професионален план, објавуваме дека дел од наставниците и соработниците вработени на Правниот Факултет – Кичево се длабоко вознемирени од неколкугодишното мешање во нивната академска работа од страна на политиката – или во конкретниов случај од еден политичар! И наместо како секој обичен, нормален човек и наставниците и соработниците да прават планови како да се одморат претстојните празници, кои роднини да ги посетат, да соберат сили за пишување на нови трудови, книги или конечно внимателно да ги слушнат барањата на нивните деца или внуци, тие се вознемирени од дворските игри и политиканската опсесија на еден човек (и веројатно малата група статисти околу него).

За што станува збор.

Имено, по трет или четврт пат во Собранието се иницира постапка за менување на седиштето на Правниот Факултет од Кичево во Битола! Во личната карта на овој факултет стои дека е формиран во 2008 година во рамките на Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола, со седиште во Кичево и дисперзирани единици во Битола и Струга. Слободно може да се констатира дека овој факултет успешно ја извршува својата образовна и научна дејност веќе дванаесет години, наспроти се позасилените критики и закани дека ќе биде затворен! Во најчест случај овие закани доаѓаат од неакадемски адреси – политичари, бизнис групи, стопанственици и слично.

Оценката и причините за лоцирањето на седиштето на овој факултет најчесно би било да се остават или прашаат иницијаторите и основачите на факултетот – тогашниот состав на Владата и Собранието на РМ (2008 година) но вреди да се одбележи дека факултетот како високо-образовна институција КОЈА ИНТЕНЗИВНО 12 ГОДИНИ Е ПОД ЛУПАТА НА ПРОСВЕТНИОТ ИНСПЕКТОРАТ и соодветните инстанци во Министерството за образование и наука, успешно ја реализира својата мисија во областа на образованието и науката. Најдобар показател за тоа се изборите во повисоки звања на наставниците вработени на факултетот, каде веќе има примери на кариерно напредување од асистент до редовен професор! Но секако, најважно од се, и стотиците издадени дипломи за дипломиран правник на студентите кои ги завршија студиите на оваа високо-образовна институција!

Во однос на иницијативата за менување на седиштето на факултетот од Кичево во Битола, постои еден куриозитет кој вреди да се одбележи, а впрочем тој куриозитет е најсилниот и најпостојан аргумент на групата наставници кои се противат на оваа иницијатива за менување на седиштето.

Што и како се случува?

Претходниот пат кога иницијативата за менување на седиштето на факултетот беше поднесена во соодветната комисија на Собранието од страна на пратеникот Александар Кирацоски од Битола и уште два-тројца негови колеги, истата беше предложена заедно со иницијативата за менување на седиштето и на Правниот Факултет на Штипскиот Универзитет Гоце Делчев од Кочани во Штип. Вреди да се одбележи дека оваа иницијатива на штипјани помина успешно ЗАТОА ШТО ПРОФЕСОРИТЕ И ДЕКАНТСКАТА УПРАВА НА ОВОЈ ФАКУЛТЕТ ИМАА ОДЛУКИ ОД СЕДНИЦИ НА НАСТАВНО-НАУЧНИОТ СОВЕТ, ОДЛУКИ КОИ ЈА ИЗРАЗУВАА НИВНАТА ПОДГОТВЕНОСТ И СОГЛАСНОСТ ЗА ВАКВАТА ОПЕРАЦИЈА. Во случајот со иницијативата за менување на седиштето на Правниот Факултет од Кичево во Битола, ТАКВА ОДЛУКА ИЛИ ОДЛУКИ НЕ ПОСТОЈАТ! ДОТОЛКУ ПОВЕЌЕ ШТО НА СЕДНИЦИТЕ НА НАСТАВНО-НАУШНИОТ СОВЕТ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ – КИЧЕВО, НИКОГАШ НЕ Е РАСПРАВАНО НИТУ ВАКВА ТОЧКА Е СТАВЕНА НА ДНЕВЕН РЕД! За волја на вистината, некаде во Мај 2018 година (само два месеци откако политичарот Кирацоски најави ваква иницијатива) деканот на факултетот Проф. Д-р Горан Илиќ, организираше трибина во Битола на која покани политичари, стопанственици, спортски работници, угостители, и на која беше присутен и ректорот на Универзитетот Проф. д-р Сашо Коруноски. На трибината присуствуваа и дел од наставниците и соработниците вработени на факултетот, но еден дел од нив, одлучи да не присуствува на оваа трибина од причини што немаа намера да се бламираат со политичари за прашање од исклучива академска природа и поради тоа што ОВАА ИНИЦИЈАТИВА ПРВО НЕ Е ДИСКУТИРАНА ИЛИ ГЛАСАНА НА СЕДНИЦА НА НАСТАВНО-НАУЧЕН СОВЕТ!Интересно е дека на оваа ТРИБИНА (а не седница на НАСТАВНО-НАУЧЕН СОВЕТ!) беа реафирмирани и повторени заложбите на предлагачот Кирацоски, дека дислоцирањето на седиштето на Правниот Факултет од Кичево во Битола БЛАГОПРИЈАТНО ЌЕ ВЛИЈАЕ ВРЗ БИЗНИС КЛИМАТА ВО БИТОЛА и ќе помогне во развојот на општината! Во ова нема никакви АКАДЕМСКИ МОТИВИ за менување на седиштето!

Но тоа не е се!

Имено, во наведување на позитивните придобивки од дислоцирање на седиштето на Правниот Факултет – Кичево, пратеникот Кирацоски потенцираше:,, …ќе поднесам еден предлог-закон со којшто ќе барам промена на седиштето на факултетот наместо да биде Кичево да биде во Битола. На тој начин ќе се подобри И квалитетот на наставата и за студентите и ќе се подобрат научните достигнувања на наставниците од кои повеќето се од Битола”.

Впрочем, во една од претходните обиди за протуркување на оваа иницијатива во собраниската комисија за образование, наука и спорт на која претседаваше подоцнежниот заменик-министер Проф д-р Петар Атанасов, на присутните им беа предочени редица неправилности повразани со оваа постапка (особено во делот на иницијатор и предлагач на оваа статусна промена). Оваа реакција наиде на интерес и кај пратеници од владејачкото мнозинство (во таа комисија и на таа седница учествуваа покрај споменатиот универзитетски професор Петар Атанасов и Проф. д-р Фарид Мухиќ и активистот на шарената револуција и застапник за поквалитетно образование и живот на младите Ивана Туфекџиќ. Кога стана јасно дека овој дилетантизам на Кирацоски, мотивиран од локал-патриотски и исклучиво некадемски причини, иницијативата беше повлечена и заборавена! Не треба да се изостави и фактот на големата заинтересираност која за оваа иницијатива ја покажа Проф. д-р Петар Атанасов, кој инсистираше да се слушне и другата страна на оваа приказна, а подоцна разочаран од општата политика на владата, се откажа од неговата улога во реформирањето на образованието. Поради ова, дел од професорите кои имаа намера да ја алармираат јавноста за ова грубо и грубијанско мешање во академската автономија на г-нот Кирацоски, решија да не реагираат, се со цел да не нанесат медиумска штета на факултетот.

Сега, кога повторно заживува оваа иницијатива (точката за гласање на овој предлог-закон на Кирацоски се наоѓа на дневниот ред на пленарната седница на Собранието закажана за 11.12.2019 година (среда), се поставуваат редица прашања, чии одговори веријатно ќе ги дадат и вистинските мотиви за ваквата иницијатива.

  1. Во што лежи убеденоста на предлагачот дека тој е повикан и меродавен да ги толкува, оценува и унапредува академските достигнувања на наставниците и соработниците вработени на правниот Факултет – Кичево?
  2. Според кои стандарди и мерки, предлагачот е убеден дека дислоцирањето на седиштето на Правниот Факултет од Кичево во Битола ќе вроди со поквалитетна настава?
  3. Каква е природата на вистинските мотиви за дислоцирање на седиштето на Правниот Факултет од Кичево во Битола? Зошто во оправдувањето на ваквата постапка доминираат економски, политички, локал-патриотски, за сметка на академските причини?
  4. Зошто упорно се занемарува и премолчува фактот дека редица светски успешни и реномирани Универзитети и Факултети имаат седишта во мали или помали места кои не се главни градови на држави или региони (примери има многу: Универзитет Корнел во Итака (САД) – член на Ајви Лигата, Лејден Универзитетот во Холандија и др.)?
  5. Од која причина се премолчува фактот дека сегашното седиште на Правниот Факултет во Кичево има неспоредливо подобри услови за студирање и работа на професорите (амфитеатар, предавални, кабинети за наставници и соработници, сала за седници) од дисперзираната единица во Битола?
  6. Зошто никого не го загрижува фактот дека грубото мешање во академската слобода на Правниот Факултет се прави без соодветна постапка на самиот факултет (Зошто нема седница на наставно-научниот совет на Правниот Факултет – Кичево на која би се расправало за ова прашање)? Односно зошто предлагачот на законот и деканот на Факултетот упорно одбиваат да ги слушнат мислењата на сите вработени наставници на факултетот?
  7. Што лежи во мотивите, поради кои другата страна на засегнати наставници и соработници не може да го изрази својот став кон ова прашење?
  8. Кому оди во прилог ре-актуелизирањето на оваа иницијатива за дислоцирање на седиштето на Правниот Факултет – Кичево во изразито фрагилна политичка состојба во земјата, обременета со исчекувањето на предвремените парламентарни избори и формирање на техничка влада?
  9. Зошто не се нагласува фактот дека во една од седниците на собраниската комисија за образование наука и спорт, предлагачот Кирацоски изрече невистина дека го посетил Кичево и дека разговарал и со останатите професори и соработници за предлог-законот, и откако со реакција се јавија повиканите наставници и соработници, истиот побегна од седницата и инцијативата беше тргната од дневен ред?
  10. До кога личните интереси и надворешните неакадемски влијанија ќе управуваат со универзитетите и факултетите, и до кога факултетите, наставниците, соработниците и најжално од се – студентите ќе бидат монета за поткусурување во политичките игри?

Во надеж дека и оваа иницијатива на предлагачот ќе заврши како и претходните, би можело да се изрази само желба дека ваквите и слични проблеми и теми од областа на образованието и науката во државата, ќе бидат сериозно третира и решавани од посериозни луѓе во иднина.

Можеби, некому ќе му текне и да ги праша професорите што мислат за образовните процеси во земјата.

Кој знае, можеби?

 

 

 

Овој текст не е став на Akcent.mk

Авторот на текстот и’ е познат на редакцијата.

Власта со закон сака да го укине правниот факултет во Кичево