Утре во Собранието на Република Македонија ќе се разгледуваат два исти предлози за укинување на законот за пазарџиите.
Пратеничката група на ВМРО–ДПМНЕ до Собранието на Република Македонија во консултација со пазарџиите и организаторите на зелените пазари во минатиот месец поднесе Закон за престанување на важење на законот за трговија на зелени пазари донесен од владеачкото мнозинство.
Владата пак, на денешната седница го прифатила предлогот на министерството за економија законот за трговија на зелените пазари да престане со важност и очекува по скратена постапка во собранието до нова година да се усвои предлогот за укинување на законот за зелените пазари, а во меѓувреме министерството за економија најави дека работи на изготвување на нов закон кој треба да биде поволен за сите вклучени во овој процес особено за пазарџиите.
Имено, овој закон беше донесен на начин што СДСМ искористувајќи го отсуството на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Собранието, го донесе овој закон без никаква консултација ниту со пазарџиите, ниту со експертската јавност.
По бројните притисоци од сите заинтересирани страни односно пазарџиите и организаторите на пазарите, примената на Законот, на крајот на јануари 2019 година, беше одложена до почетокот на 2020 година. Ваквото решение беше исклучиво за смирување на пазарџиите кои протестираа во пресрет на најавените претседателски избори.
Со законот се предвидуваше секој што продава на тезга на зелените пазари да мора да вади годишна лиценца.