Онлајн попис 2021 – Ќе бидеме ли повеќе отколку што сме?

Пописот во Македонија има пособено значење и влијание во општествениот живот на граѓаните, различно од она во многу останати држави, затоа што тој не претставува само голема статистичка операција, чии податоци и овозможуваат на државата планирање и изведба на бројни проекти, туку во Република Македонија пописот има и политичка конотоација која произлегува од Охридскиот рамковен договор и е поврзан со процент на застапеност на одедени етнички заедници.

Носење на законот без јавна дебата, со вклучување на експерти, на граѓаните и сите партиски субјекти во државава кои може да дадат конструктивен придонес води до повторни недоразбирања, различни толкувања и можеби, поворно до непризнавање на резултатите на пописот од одредени општествени субјекти.

Потребна е детална анализа на проблемите кои довеле до 2 неуспешни пописи (1991 и 2011 година), потоа градење на стратегија, па дури потоа носење на закон.

Начини на спроведување на пописите

Според Регулативата на Европскиот парламент за пописот на населението и становите и од аспект на методологијата на собирањето на податоците пропишани се неколу начини за спроведување на пописите:

  • конвенционален попис;
  • попис врз основа на регистри;
  • комбинација на конвенционален попис и анкетно истражување;
  • комбинација на попис врз основа на регистри и анкетно истражување базирано на статистички примерок;
  • комбинација на попис врз основа на регистри и конвенционален попис;
  • комбинација на попис врз основа на регистри, анкетно истражување базирано на статистички примерок и конвенционален попис; и
  • континуиран попис.

Комбиниран попис во Македонија

Кај нас досега се применуваше традиционалниот попис. Пописот во 2021 ќе биде една форма на комбиниран попис, односно комбинација од теренски попис и користење на регистри на податоци од надлежни институции.

Обединети нации (ООН) како неопходни услови за користење на овие бази наведува дека законодавството треба да го предвиди тоа, како и тоа кои бази ќе бидат користени.

Ова е од една проста и едноставна причина – законот мора да овозможи пристап и употреба на постоечки административни извори на податоци за статистички цели, бидејќи вака како што е уредено ниту една институција, колку и да сака, нема да може, односно ќе ги дава на „добра воља“ своите бази на податоци за обработка во Државниот завод за статистика (ДЗС).

Уште по трагично е тоа што во Законот никаде не навеле кои се тие бази лои ќе ги користи ДЗС – дали тоа ќе бидат базите на МВР, ФЗОМ, УЈП и сл.

Од ООН препорачуваат користењето на регистрите да е регулирано во закон со цел истите да може да бидат ажурирани за намената за која ќе се користат, но во нашиот закон тоа не е предвидено.

Бидејќи една од нашите клучни заложби е и членството во ЕУ потребно е да ги почитуваме овие регулативи и истите да ни бидат основа за спроведување на eвропски попис.

Самопипишување од странство

Друга новина (проблем) во пописот во 2021 година ќе биде самопопишување преку посебна апликација која ќе биде закачена на веб страницата на ДЗС. Оваа апликација ќе биде наменета за државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство.

Оваа можност е добра, но вака како што е предложена претставува само едно алиби дека на државјаните кои се надвор од државава им се дава можност да се попишат електронски. Ова ќе се види и од самата нејзина примена, односно дека користењето на оваа апликација ќе отвори дополнителна можност за манипулација, односно ќе се попишат сите кои се надвор со образложение дека се надвор помалку од 12 месеци и дека се со намера да се вратат во државава, а со цел да бидат внесени во резидентно население.

Во самиот закон не постојат никакви критериуми кои ќе треба да ги исполни тој што ќе се попишува онлајн. На овој начин секој што е во странство ќе може на раат да си се попише без разлика дали отишол таму на кратко (на гости, привремена работа и сл.) или заминал таму од пред 5 години и не планира никогаш да се врати.

Потребно е оваа апликација да биде само за државјаните кои се надвор од државава повеќе од 12 месеци (дури и за тоа да мора да достават доказ, ако не, воопшто да не им се дозволи да се попишуваат онлајн) и кои нема да се вклучат во резидентно население, затоа што тоа го предвидуваат европските правила, ама не и законов. Како што пишував во првиот дел, дали ова е уште едната можност да не има многу повеќе отколку што сме?!

Премногу ингеренции на едно лице

Во законот се даваат премногу права и ингеренции на директорот на ДЗС, да го уредува пописот како што сака, се што не е уредено во законот ќе го доуреди тој со подзаконски акти.

А, да, не е само директорот, и заменикот е. За да имаме поголема „доверба“ во пописот, во законот предвиделе и врзан потпис, секоја одлука што ќе ја донесе директорот ќе мора да ја потпише и заменикот. Од каде потребата за врзан потпис со заменикот директор!?

Каков резултат ќе имаме на крајот ќе зависи најмногу од овие двајца, контрола над нив нема никој, сите други тела имаат советодавна улога. Не е спорна нивната стручност, но мора да имаме јасно пропишани правила во законот за да ги оттргнеме сите можности за било какви притисоци и закани и можноста за манипулации со бројките.

Нема задолжителен јазик кој ќе се користи при попишувањето

Друга „европска“ работа во пописот е мултијазичноста. Апликацијата со која ќе се врши попишувањето ќе биде изготвена на 7 јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и бошњачки.

Попишувањето ќе се врши (само) на јазикот што го избира лицето кое се попишува.

Според закон, македонскиот е прв службен јазик во државава и сите написи ќе мора да бидат регулирани на македонски, како мнозински јазик и на друг малцински јазик на малцинските заедници. Иако овој момент не може да влијае на конечните бројки од пописот, мора да биде земен во предвид при носењето на конечната, се надевам европска верзија на Законот за попис.

Треба да сфатиме дека ова е ad hoc закон, дека има еднократна употреба и дека во него треба се да биде разработено во детали. Само така регулирани детали ќе ни дадат основа да имаме еден европски, и пред се, реален попис во Македонија.

 

Пишува: Бобан Стојаноски

 

(Објавувањето колумни, мислења, анализи, ставови, писма и текстови од надворешни автори тука, не се одраз на ставовите на „Акцент.мк“ и целосно се оградуваме)

Каков попис нѐ очекува, ќе бидеме ли држава со 3 милиони жители?