Македонија старее: Имаме повеќе починати од новородени

Населението во светот се побрзо старее и оваа демографска транзиција влијае врз скоро сите аспекти на општеството. Стареењето на популацијата, само по себе наметнува голем број квалитативни и  квантитативни здравствени ,економски и социјални проблеми.

Луѓето во светот живеат подолго. Денес, за прв пат во историјата повеќе луѓе имаат можност да доживеат 60 години и повеќе. До 2050 година се очекува популацијата над 60 години да достигне 2 милијарди, за разлика од 2015 кога изнесувала 900 милиони. Падот на стапката на наталитетот и продолжениот животен век ја менува демографската слика во земјите низ светот.

Состојба во Република Македонија

Во креирањето на сликата за старото население, воопшто не изостанува и Македонија. Неодамна го поминавме прагот на демографската старост. Со 15% старо население над 60 години, на Пописот во 2002 година, Република Македонија го надминува коефициентот на старо население од 12%.

Според Државниот завод за статистика државава во 2019 година имала население од 2.076.255 жители.

Во државава имаме негативна стапка на природен прираст во 2019 година (- 0.3 на 1000 жители) односно имаме повеќе починати од новородени.

Во однос на старосната структура, македонското население сè повеќе старее. Во периодот од 2010 до 2019 година, учеството на младото население (0-14 години) во вкупното е намалено од 17.3 % во 2010 година на 16.2 % во 2019 година или во бројки намалување од скоро 20.000 население од оваа возрасна група,  а учеството на старото население (65 и повеќе години) е зголемено од 11.65 % во 2010 година на 14.2 % во 2019 година или зголемување од над 56.000 население во оваа возрасна група.

Население од 0 до 14 години

Промените во старосната структура на населението во Република Македонија имаат своја рефлексија врз бројот на умренитe лица во државата. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на умрените лица е зголемен за 3.6 % во однос на претходната година и изнесува 20 446 умрени лица.

Население 65+ години

Просечната возраст кај умрените во 2019 година од машки пол изнесува 71.6 години, односно 76 години кај лицата од женски пол или се бележи за 4.4 години повисока просечна возраст кај жените. Прогнозите на Обединетите нации се дека просечното траење на живот во Република Мaкедонија континуирано ќе се зголемува и  просечниот животен век во 2050 година  ќе достигне 79,5 години.

Најчести заболувања кај старите лица

  • болести на кардиоваскуларниот систем (покачен крвен притисок, срцева слабост и др.)
  • болести на гастроинтестиналниот систем
  • болести на респираторниот систем
  • неоплазми
  • болести на нервниот систем и сетила
  • болести на мускулно-коскениот систем (остеопороза, Паркинсон..)
  • болести на урогениталниот систем
  • повреди и труења
  • ендокрини заболувања на метаболизмот и исхраната (дијабет)
  • ревматски заболувања
  • депресија, несоница, деменција

Како и во минатите години, најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, и тоа во 51.8 % случаи од вкупно умрените, па потоа се случаите кај кои  како причина за смрт се јавуваат неоплазмите, и тоа во 18.6 %, па со 4.6 % се застапени случаите кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичките болести, а случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем се застапени со 4.4 % од вкупно умрените. 

Препораки

Здравото стареење би значело создавање на средини и можности кои им овозможуваат на луѓето да бидат и да го прават она што го вреднуваат во текот на нивниот живот. Секој може да доживее активно и здраво стареење, доколку се применуваат следните мерки и активности:

  • Спроведување на статистички истражувања во врска со здравствената состојба и животен стил на оваа групација на национално ниво, со цел да се добијат детални информации од самите засегнати граѓани на трето доба;
  • Отварање на центри за дневно и привремено прифаќање на стари лица;
  • Вклучување на старите лица во планирање, имплементација и општествена евалуација на локални здравствени, социјални и рекреативни активности;
  • Создавање на реални и позитивни слики на активно стареење во медиумите и популарната литература со цел отстранување на негативните стереотипи;
  • Континуирана промоција на здравје кај старите лица, и едукација за штетните ефекти на пушењето, алкохолот, лошата исхрана и промовирање на физичката активност;
  • Зголемување на бројот на домови за стари лица во Република  Македонија, кои ќе бидат надвор од територијата на  градот Скопје;
  • Пропишување и почитување на соодветни стандарди во давањето услуги за стари лица;
  • Развој на геријатрија во Република Македонија, едукација и обука на тимови кои работат со оваа категорија на лица;
  • Информирање на старите лица и нивните семејства, за правата и услугите кои старите лица можат да ги остварат во системите на заштита.

Извор: Државен завод за статистика, Институт за јавно здравје