Звучно во Собранието: Продолжува расправата за избор на Добрила Кацарска за уставен судија

Во Собранието денес продолжува расправата за избор на Добрила Кацарска за Уставен судија.

Од 12 часот е закажано продолжението на седницата.

Вчера на почетокот на дискусијата по оваат точка пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата “Обнова на Македонија” изведоа герила акција, односно со транспаренти, маички и свирчиња ја окупираа говорницата, потоа на секој пратеник од власта  додека зборуваше му свиреа.

Да се предложи Добрила Кацарска како уставен судија е како да се вработи крадец да го чува трезорот на Народна банка, како и тоа дека таа е синоним на аболицијата на Зоран Заев, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески,

Јаулески потенцираше дека најголемиот грев на Кацарска е тоа што осуди невини луѓе на 200 години затвор, врз основа на лажен исказ којшто е менуван неколку пати и ги поздрави уставобранителите, и порача дека неправдите ќе се исправат.

Со свирчиња ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја урниса демократијата, да ја попречи слободата на говор во Собранието, изјави пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов.

Тој рече дека залудни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ, со свирчињата нема да ја попречат правдата, правда во Република Северна Македонија ќе има и секој што се огрешил пред законите ќе одговара.

Гордана Силјановска Давкова, Пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека таа не треба да биде Уставен судија поради тоа што не треба да се дозволи таканареченото Кацарска судство да стане синоним за Кацарска уставно судство

Од биографијата гледаме дека целата активност на кандидатката е врзана за општинскиот суд. Круна на професијата значи да поминете апелација, да поминете Врховен Суд меѓутоа овде од ова каде освен што работното искуство има неколку обуки и семинари и има забелешки за учество за изработка за закони, тврдења за познавање на Англиски јазик, Руски, а дури и windows е погрешно напишано, ми создава големи дилеми. Во други услови знаете тоа како оди преку интервју, преку специјална комисија која разговара со кандидатот, јас затоа сум збунета, рече пратеничката Силјановска Давкова.

Снежена Калеска Ванчоска од СДСМ изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не знаат што значи независност на правосудството, повикувајќи се на одреден амандман ја докажуваат нивната неспособност и некомпетентост во донесувањето на вакви важни одлуки. Единствено Судскиот совет на Република Северна Македонија предлага двајца судии на Уставниот суд, од редот на судиите, рече Калеска Ванчоска.

Независноста на судството подразбира немешање во надлежноста на Судскиот совет, кој има надлежност пренесена од Уставот а регулирана со Закон за судски совет. Кандидатката за Уставен судија зад себе има 38 годишно искуство, и е дел од правосудството, постапките ги води согласно закони, ефикасно и ефективно, рече Калевска Ванчоска.