Македонската компанија „Веда“ и нејзиниот иновативен производ, аеросолен систем за брзо гаснење пожар, е првиот добитник од нашата земја на кофинансиран грант како лидер компанија, од програмата на ЕУ „Хоризонт 2020“. Досега, македонските фирми секогаш биле спореден партнер на некој од проектите каде што водечки биле странски компании од ЕУ и најчесто добивале мали делови од грантот. Во конкуренција на илјадници компании од цела Европа, „Веда“ и нејзината иновација беа одлично оценети во рамките на СМЕ Инструментот, за мали и средни претпријатија, како една од најдобрите, врз основа на што проектот ќе биде кофинансиран со 70 отсто европски пари.
„Веда“ на македонскиот пазар постои од 1991 година и се занимава со истражување на нови технологии, кои досега се пласирани на различни пазари низ светот. Аеросолниот систем за брзо гаснење пожар е првата нивна иновација која планираат да се произведува и да се продава од Македонија. Поради светските регулативи за исфрлање на халонот и ф-гасовите како средства за гасење на пожари се очекува дека во блиска иднина аеросолните системи за гаснење ќе преовладуваат како решенија во системите во борба против пожарите, што на овој продукт му отвора широки перспективи на светскиот пазар.
Мислењата од експертите на „Хоризонт 2020“ се уште една потврда дека македонските компании имаат одлични продукти. Резултатот е заеднички труд на тимот на „Веда“ и консултантката Симона Трповска, која изработува проекти за европските програми, најчесто за странски компании.
Искуството со „Веда“, вели, ѝ дава мотивација да ги охрабри и другите македонски компании да веруваат во својот потенцијал и да аплицираат, дури и доколку не успеат во првиот обид.
„Проектот е многу комплексен и исполнувањето на апликацијата воопшто не беше едноставна работа. Но, тоа никако не смее да ги спречи македонските манаџери да веруваат во своите компании и производи/услуги и да аплицираат во европските програми. Јас повеќе години работам на проекти и со странски компании, но морам да нагласам дека и кај нас има светски иновации, кои можат да бидат финансирани со европски програми. Оценувањето на секоја апликација е сложен процес во кој учествуваат повеќе експерти. Насоките за пополнувањето на апликацијата се многу општи, но сепак податоците кои се бараат се исклучително прецизни, заради што е неопходна соработката на тимот за развој и консултантот. Конкретно, програмата „Хоризонт 2020“ финансира иновации “must have rather than nice to have”, односно иновации со голем потенцијал на успех, но и со голем ризик (breakthrough innovations – high risk, high potential)“, објаснува Трповска.