Каде се корпите за отпадоци во Градски парк!?

Едно од најпосетените места за рекреација и прошетка во главниот град е Градскиот парк.

Ова е единственото место во срцето на градот со зелено пространство и езерца, каде децата можат да трчаат и да играат, а родителите да уживаат во прошетката без притоа да се грижат за автомобилите и загадувањето.

Фото: Акцент

За време на викендов, на убавото ноемвриско сонце, со пролетни температури, градскиот парк беше главна дестинација на многумина. „Вриеше“ од луѓе седнати на тревниците, на клупите, покрај езерцата.

Едни си го купуваат своето кафе или освежителен пијалак од возилата кои продаваа пијалоци во паркот, други си носат од дома. Младите испоседнати низ паркот уживаа и со по некое пивце и цигара.

Фото: Акцент

Сè ова изгледа супер и идилично сè додека не дојде време да си заминете, па нормално како совесни граѓани ќе посакате да го соберете ѓубрето што сте го наравиле и да го фрлите во некоја канта за отпадоци.

Е тука доаѓа проблемот. Се вртите наоколу, но никаде ја нема таа канта, па се одлучувате да го соберете ѓубрето во кеса и да го фрлите во некоја канта успат. Се шетате така со вашите најмили, со пријателите и си ја носите ќесата во раце, но кантата за отпадоци никаде ја нема!

И така, по долго пешачење, веќе заборавате што барате, и одеднаш таму во далечината загледувате една канта за отпадоци. Се приближувате до неа, а таа е полна, преполна со ѓубре. Дури и почнало да паѓа ѓубрето од кантата, па срам да ве фати да го оставите своето ѓубре надвор од неа покрај другото.

Ако ја барате следната канта за отпадоци сигурно ќе ви требаат уште 15-тина минути шетање и упорно барање, бидејќи нема канти покрај клупите каде што сите седнуваат да одморат, да испијат кафе, да испушат цигара, туку кантата ќе ја најдете онаму каде што не очекувате.

Расфрлани пикавци е реална слика околу повеќето клупи низ паркот.

Фото: Акцент

Но ако не пронајдете канта за отпадоци низ паркот и одлучите да си го земете ѓубрето со вас  накај дома, не се разочарувајте, на влезот од паркот, поточно кај Луна паркот, имате неколку контејнери, па таму можете да го фрлите, за да не ви остане за дома.

Апелираме до градските власти да се стават повеќе канти за отпадоци низ внатрешноста на паркот, одржување на патеките и подобро осветлување, да може и навечер да уживаме низ паркот со семејствата, со пријателите или сами, кој како милува.

Паркот е убав, не треба многу за да биде поубав!