(ВИДЕО) 197 земјотреси ја погодија Турција: Најмалку 27 загинати и над 800 повредени

Агенцијата за вонредни состојби на Министерството за внатрешни работи на Турција (АФАД) соопшти дека во земјотресот со јачина од 6,6 степени според Рихтеровата скала што го погоди Измир, загинаа најмалку 27 лица, а над 800 се повредени. Уште две млади лица загинаа на грчкиот остров Самос. Околу 20 згради се срушија во областа на Измир. Мини цунами ги преплави улиците на Измир и Амос. Спасувачките екипи ги извлекуваат повредените.

Земјотресот е регистриран во 14,51 часот по локално време, на длабочина од 16,54 километри.

АФАД наведува дека по тој земјотрес следеле 196 земјотреси, од кои 23 биле над четири степени.

Здравствениот центар за координација за време на вонредни ситуации (САКОМ) објави дека загинале 20 лица, додека 786 се повредени.

Покрај тоа, екипите на Црвената полумесечина испратија 114.460 маски и 5.000 средства за дезинфекција во областа.

Градоначалникот на Измир изјави за Си-Ен-Ен дека се урнати 20-тина згради. Градот е трет по големина во Турција со околу 4,5 милиони жители.

Во акциите за пребарување и спасување во кои вклучени биле повеќе од 50 возила и околу 200 спасувачи, околу 70 лица се спасени од под урнатините.

Министерот за животна средина и урбанистичко планирање Мурат Курум рече дека луѓето се заробени под урнатините и дека сите расположливи екипи за спасување во моментот се на терен.

Турските власти и медиумите ги повикаа луѓето да не излегуваат на улица.

https://twitter.com/i/status/1322287265180246018

АФАД потврди дека епицентарот на земјотресот бил 6,6 степени според Рихтеровата скала, регистриран во водите на Егејското Море, на 17 километри од брегот на областа Сеферихисар, во западниот турски град Измир.

Оштетување на станбени згради се случи и во градовите Усак, Денизли, Маниса, Баликесир, Ајдин и Мугла.

Седумкатница се урна во градот Манавкују во Бајракли, а спасувачите и локалните жители извадија четири лица од под урнатините, кои беа пренесени во болница поради повредите.

Двајца загинати во Грција

Силен земјотрес се почувствува во повеќето градови во Егејско Море, дури и во Истанбул. Се чувствуваше и во Грција, вклучително и во главниот град – Атина.

Земјотресот беше почувствуван и на грчките острови Самос и Крит. На Самос, двајца тинејџери биле убиени кога ѕид од зграда се срушил и паднал врз нив.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изрази сочувство на Твитер, велејќи: „Зборовите се премногу сиромашни за да се опише чувството на губење деца“. Уште осум лица побараа помош во локалната болница во Самос поради полесни повреди.

Земјотресот, според Би-Би-Си, предизвикал и мини цунами што ги преплави улиците на Самос и Измир.

Солидарност меѓу Грција и Турција

Реџеп Таип Ердоган му одговори на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со кого разговараше по земјотресот во Егејот и кој преку социјалните мрежи изрази сочувство до семејствата на жртвите во Турција.

Ердоган на Твитер одговори на премиерот Мицотакис на англиски јазик.

„Ви благодарам премиер. Изразувам сочувство до цела Грција од мое лично име и од името на турскиот народ. Турција е исто така подготвена да и помогне на Грција да ги залечи раните. Двајца соседи кои се солидаризираат во тешки времиња е поскапоцено од многу работи во животот“, напиша Ердоган.

ЕУ нуди помош

Официјални претставници на ЕУ денеска изразија поддршка за Турција и Грција, кои беа погодени од силен земјотрес и рекоа дека се подготвени да помогнат.

“Моите мисли се со Грција и Турција. Ние ја следиме ситуацијата и подготвени сме да помогнеме на секој можен начин”, напиша претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Твитер.

Слични пораки беа напишани од претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.

(ВИДЕО) Силен земјотрес ја погоди Турција: Срушени згради и поплавени улици, се бараат исчезнати