Каков попис нѐ очекува, ќе бидеме ли држава со 3 милиони жители?

Ѕѕѕрн…ѕѕѕррн!!

  • Кој е!?
  • Јас сум вашиот попишувач, дојдов да ви земам податоци за пописот.
  • Ама не може да те примиме дома, заразени сме со коронавирусот.
  • Ако, ако, не е проблем, јас ќе стојам тука пред врата, вие од таа страна на вратата само читајте ми матични броеви од тие што сте дома…

Иако изгледа смешно, ама вака отприлика ќе изгледа пописот во април 2021 година, ова може да се случи со предложениот Законот за попис на населението.

Историјат

Почетоците на пописот датираат уште пред 6000 години. Пописот во модерна смисла на зборот започнува да се изведува кон средината на 17-тиот век. Сегашната техника на спроведување на пописот се применува околу 80-тина години.

Пописот на населението се дефинира како статистичка операција преку која во одредени периоди  се врши официјално броење на населението на територијата на една држава во нејзините географски единици, како и собирање на информации за избраните демографски и социјални карактеристики на вкупното население.

Составот на населението кое обично живее треба да биде детално опишано во извештајот(ите) за пописот. Како општо правило, вкупната, обично резидентна популација треба да ги вклучи сите лица кои имаат вообичаено живеалиште во земјата.

Пописи во Македонија

Првиот современ попис на територијата на Република Македонија е спроведен во 1921 година. После Втората светска војна во Македонија се спроведени вкупно осум пописи и тоа во годините: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002.

Со оглед на тоа дека пописот во 1991 беше со нецелосен опфат истиот повторно се спроведе во 1994 година и овој попис претставува прв попис на Република Македонија од нејзиното осамостојување.

Последен попис според кој се водат податоците за населението во Македонија е пописот од 2002 година, бидејќи пописот кој започна во 2011 година беше прекинат по поднесувањето на колективна оставка на членовите на Државната пописна комисија, само десет дена по започнувањето на пописот.

Сега повторно се прави обид за реализација на попис во државава со поднесувањето во Собранието на „Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2020 година“.

Зошто 2020 година? Затоа што овој закон беше поднесен уште во 2019 година, но поради недостатоците во истиот, беа формирани меѓупартиски работни групи кои требаше да ги усогласат ставовите во однос на пописот. Но тоа не се случи. Беа распишани предвремени избори, нѐ зафати пандемијата со КОВИД-19… Сега повторно по предлог на Владата продолжува постапката за овој закон во Собранието на Република Македонија.

Што предвидува пописот во 2021 година

Законот за попис во Собранието е предложен со европско знаменце. Ставени се табели каде се наведува со кои акти на ЕУ истиот се усогласува и од кои може да се види дека Законот воопшто не се усогласува со Европските практики, имено постојат само 3 члена за кои предлагачот вeли дека делумно ги усогласува со 3 члена од четири регулативи на ЕУ.

Во самиот закон на почетокот не постои поимник, односно значење на изразите кои се употребени во законот како што се „место на вообичаено живеење”, „официјално место на живеење“, „домаќинство”, „пописен реон“, „стан” и сл, иако според Регулативата 763/2008 на Европскиот парламент потребно е да постои поимник во законот.

Ја нема дефиницијата „постојано место на живеење“- дефиниција која мора да ја има секој закон за попис, дефиниција која според Обединети Нации е географското место каде што лицето обично го поминува секојдневниот одмор, проценето во одреден временски период, вклучувајќи го и пописот.

Според европските регулативи и примери на спроведени пописи во земјите на ЕУ секаде мора да се дефинира кое население ќе се попишува, односно ќе се смета за резидентно население. Како резидентно население според Регулативите на ЕУ и според ООН се сметаат оние кои живееле во нивното место на вообичаено живеење за континуиран период од најмалку 12 месеци пред пописот; и оние кои пристигнале во нивното место на вообичаено живеење во текот на 12 месеци пред пописот со намера да останат таму најмалку една година.

Но ова, исто така во нашиот Закон е испуштено, намерно или не?! Со пописот во 2021 година ќе се попишуваат државјани на Република Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во државата или во странство.

На овој начин повторно нема да може да имаме јасна слика за точниот број на население кое што живее во рамки на државава.

Македонија со 3 милиони жители

Искуствата од спроведувањето на пописот во 2011 година (кој беше прекинат), укажуваат дека и покрај тоа што во тогашниот Закон, пописот се спроведуваше на резидентно население, согласно ЕУ регулативите и ООН стандардите, сериозни беа злоупотребите во етнички мешаните средини каде што попишуваше мешаната двојка попишувачи.

Познати се случаи на заклучување на попишувачи, вербални закани и физички напади врз попишувачи, како и вербални и други закани врз набљудувачи на пописот. Но, во законот како што е предложен, нема дефиниција во која бројка ќе одат попишувачите, дали ќе биде тим од неколкумина или еден попишувач ќе оди сам на терен со што би се довела во прашање веродостојноста на податоците кои ќе се внесат во апликацијата преку која ќе се спроведува пописот.

Да, ќе се попишува преку апликација. За овој попис нема да се применува класична пописница (лист хартија), туку попишувачите ќе го спроведуваат со таблет компјутери (барем во тоа напреднавме, или не?).

Потребно е да има пописница на хартија (барем за основните податоци за лицата кои физички биле присутни пред попишувачот) базирана на личен документ од типот лична карта, пасош, извод од матична книга на родени или државјанство. Пописница на хартија треба да има и заради потребата што со Закон е предвидено пописните материјали да се архивираат како национално богатство.

Ете веќе кога штедиме на хартија и пари (иако компјутерите ќе не чинат над 3 милиони евра) нека постои еден испечатен формулар, на половина страна, кој ќе го потпишуват попишувачот и попишаниот. Истиот би се состоел од една реченица и на тој начин ќе се даде поголема веродостојност на податоците кои ги дава лицето, како и понатамошна, евентуална одговорност за дадените податоци.

За време на пописот, попишуваниот е должен да  презентира соодветен  документ од кој може да се преземат идентификациските податоци за лицето, но не постои дефиниција кој е тој соодветен документ. Прашањето е – Каков е тој соодветен документ, дали тоа ќе биде здравствената книшка, возачка дозвола, студентска легитимација – или пак на жими мајка?

Потребно е да се дефинира, односно лицата да се идентификуваат со лична карта или пасош, а доколку се работи за деца кои немаат документ за идентификација со извод од родени или државјанство.

Апсурдно е во законот тоа што за отсутните членови на домаќинството, податоците ги дава полнолетен член на домаќинството кому податоците му се најмногу познати. Ова е уште еден сомнеж дека пописот нема да содржи вистинити податоци согласно европските правила за попис.

На овој начин кога ќе ви дојде попишувачот дома вие може да извадите матични броеви на уште 20-тина лица и истите да бидат попишани. Или пак, како примерот на почетокот, ќе му кажете на попишувачот дека сте заразени со Ковид, па на раат ќе може да му исчитате податоци за поблиска или подалечна фамилија, за другарите, за комшијата ако ве замоли, затоа што заминал малку на привремена работа до Англија, да бере јагоди итн. По завршување на пописот со ваков начин на попишување Македонија ќе има минимум 3 милиони жители.

Што велат ООН и ЕУ

Обединетите нации (ООН) дозволуваат собирање на податоци за отсутните лица кои живеат во странство за време на пописот, меѓутоа јасно истакнуваат дека податоците за оваа категорија на лица треба да бидат издвоени од податоците за попишаните лица според нивното вообичаено место на живеење, односно лицата кои живеат во странство не треба да бидат вклучени во вкупниот број на жители на соодветната држава или нејзините територијални статистички единици.

Согласно препораките на Конференцијата на европските статистичари (ЦЕС) во соработка со Евростат, пописите на населението треба да ги опфатат жителите на соодветните држави и територијални статистички единици според принципот вообичаено место на живеење, заради избегнување на ситуацијата во која едно исто лице би било попишано два или повеќе пати во една, две или повеќе држави.

Препораките на ЦЕС содржат и варијанти за постапување со лицата за кои не е доволно јасно дали ги исполнуваат наведените критериуми за времетраењето на нивниот престој во нивното вообичаено место на живеење, односно за постапување со привремено отсутните и привремено присутните лица.

Да, тие напишале варијанти, но ние ги немаме препишано во нашиот Закон за попис. Попишуваме се што ќе ни излезе пред очи. Па нели будалиот пишува, а паметниот памти или како беше…?!

Како привремено отсутни лица, препораките на ЦЕС ги дефинираат лицата кои се отсутни, или се очекува да бидат отсутни од нивното вообичаено место на живеење во време на спроведувањето на пописот, при што нивното отсуство е во времетраење пократко од една година. Од друга страна, доколку лицата се отсутни од нивното поранешно вообичаено место на живеење во период подолг од една година (независно од времетраењето на нивните повремени посети на таа локација), тие не спаѓаат во категоријата на привремено отсутни лица и не треба да бидат опфатени со пописот.

Продолжува…

 

Пишува: Бобан Стојаноски

 

(Објавувањето колумни, мислења, анализи, ставови, писма и текстови од надворешни автори тука, не се одраз на ставовите на „Акцент.мк“ и целосно се оградуваме)