На 10 декември 1948 година во Париз од страна на Генералното собрание на ОН е усвоена Универзалната декларација за човекови права.

Во Декларацијата  се пропишува дека секој има право на правата и слободите објавени во неа, без разлика на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, религијата, политичкото или друг вид на убедување, националното или социјалното потекло, имотот, раѓањето или друго. Секој има право на живот, слобода и сигурност на личноста и сите луѓе се исти пред законот и имаат право на еднаква законска заштита. Сите имаат право на еднаква заштита од секаков вид дискриминација што ја повредува оваа декларација и од секакво поттикнување таков вид дискриминација.

Декларацијата означува прво глобално изразување на основни права на сите човечки суштества. Таа се состои од 30 члена кои се вклучени во подоцнежни меѓународни договори, регионални инструменти за човекови права, национални устави и закони, а во неа се вградени Универзалната декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и неговите два факултативни протоколи.

„На прагот сме на голем настан и за Обединетите нации и за човештвото. Оваа Универзална декларација би можела да стане меѓународна магна карта за сите луѓе во светот“, истакнала пред гласањето Елеонор Рузвелт, која раководела со комисијата одговорна за пишувањето на Декларацијата.

На Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, денеска ќе се одржи Свечена академија по повод 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права, кој се чествува и како Ден на Факултетот.

На Свечената академија ќе се обратат ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, проф. д-р Горан Коевски и проф. д-р Боби Илиев од Универзитетот Кентаки, САД,  кој ќе зборува на тема „Лажни вести”.