Тајван го постига невозможното – 200 дена без ниту еден заразен со коронавирусот

Тајван нема пријавено случај на инфекција со коронавирусот веќе 200 дена – последниот датира од 12 април.

Додека светот бележи рекордни бројки на инфекција, Тајван стана безбедна земја по еден од најефикасните одговори на пандемијата.

Во исто време, според агенциите, американската сојузна држава Флорида, која има слична популација како Тајван, има повеќе од 4.000 заразени за само еден ден.

Тајван не донесе мерки за внатрешно затворање од почетокот на пандемијата, ниту воведе строги мерки и ограничувања на човековите слободи.

Наместо тоа, властите се концентрираа на брзината на реакција, па од избувнувањето на првите случаи на инфекција во Вухан, Кина, тие ги следат патниците на летовите и ги снимаат сите контакти.

Првиот случај на инфекција во Тајван е регистриран на 21 јануари и веднаш е воведена забрана за патување за сите што доаѓаат од Вухан. Патниците што доаѓаа од Кина, Хонг Конг и Макао мораа да бидат регистрирани.

Со развојот на пандемијата, Тајван забрани влез на сите странски државјани, освен амбасадорите, Тајванците и сите оние кои имаа посебни визи со кои им беше дозволен влез во земјата.

Тајван има предност во однос на западните земји – неговата географска положба во голема мера придонесе за полесна изолација, имајќи предвид дека е остров.

Тајванскиот министер за надворешни работи Јозеф Ву рече дека тие „ги умножиле сите свои капацитети дури и пред пандемијата“.

Владата веднаш набави големи количини заштитни маски и опрема и го започна нивното производство за да не зависат од увозот.

Тајван инвестираше пари во тестирање и следење на контактите, пишува N1.