Ребаланс на Буџет: Според власта тој е за справување со економските последици, а според опозицијата, нè турка во уште поголема криза

Денес во Собранието на Република Македонија продолжува расправата за ребалансот на Буџетот.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими на собраниската расправа посочи дека мерката за финансиска поддршка на ранливите категории, како што се пензионерите и самохраните родители, се проширува и за децата без родители, во износ од по 6.000 денари.

Бесими посочи дека во тек на комисиската расправа се направени и други дополнувања на ребалансот со кои се обезбедуваат средства за проекти како што се водоснабдување и филтер станици во повеќе населени места.

Министерот за финансии посочи дека со ребалансот на Буџетот се обезбедуваат средства за четвртиот пакет антикризни мерки, како и дека стотици илјади граѓани како и десетици илјади фирми го очекуваат донесувањето на ребалансот за да може да се ефектуираат мерките.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека поради катастрофалната економска состојба во државата има илјадници затворени бизниси, нови 40.000 невработени граѓани, само 17.690 граѓани во вториот квартал ги изгубиле своите работни места. И граѓаните имаат за 13 евра поскапа потрошувачка кошничка за овој месец споредбено од лани. Безброј луѓе се на минимална плата, а владата ги задолжи граѓаните и државата за милијарда евра кои не се знае каде завршија, рече Стојаноски.

Тој посочи дека власта ја турка Македонија во тешка економска криза, со вакво неспособно делување на оваа влада Македонија сигурно оди кон грчко сценарио бидејќи овој Буџет на начин на кој што е концепиран нема да ги даде резултатите кои што ги очекуваме.

„Со овој ребаланс Македонија е и официјално високо задолжена земја според Мастришкиот стандард, и ја проби психолошката граница на задолженост од 60% на БДП, и сега нашата задолженост изнесува 60.3% или во апсолутна бројка 6.5 милијарди евра“, изјави Стојаноски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески на прес конференција од Собранието истакна дека со овој ребаланс, се обезбедуваат 470 милиони евра за реализација на четвртиот пакет мерки за справување со економските последици од коронакризата.

Според него преку овој пакет мерки, 70 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на 83.000 работни места, односно ќе се субвенционираат вкупно 250.000 плати за месеците октомври, ноември и декември. Со 27,6 милиони евра ќе се помогнат 283.000 граѓани кои ќе добијат домашни платежни картички во вредност од по 6.000 денари. Домашни платежни картички ќе добијат пензионери со пензии до 15.000 денари, самохрани родители, невработени лица, како и лица над 64 години а кои немаат социјална пензија ниту други приходи.

„Покрај овие, четвриот пакет содржи уште дваесеттина мерки преку кои обезбедуваме силна поддршка за компаниите преку поволни кредити, грантови, но и даночни олеснувања за брзо опоравување на секторите кои се најмногу погодени“, изјави Митревски.

Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека во Република Македонија се доживува крах буквално на секое поле на општественото живеење.

Таа истакна дека кризата ја чувствуваме буквално на секое поле од општественото живеење, кризата веќе ја чувствува и економијата, кризата ја чувствува и администрацијата и Собранието.

Според нејзи со овој ребаланс како да сака да се минимизира грешката во работењето на оваа влада во текот на сите овие месеци на корона кризата, лоцирајќи ги сите причини во ковид кризата.

„Добро би било да ги слушнеме и уредбите кои се носеа затоа што се уште во Собранието немаме видено ниту една од тие уредби, ако се добри можеби некоја ќе ја преточиме во закон или пак тие уредби ги оставате така да лебдат за да може да продолжи криминалот да царува“, рече Лашкоска.

Нејзината колешка и сопартијка, Марија Петрушевска, посочи дека власта не носи храбри одлуки кои што ќе помогнат на граѓаните, ребалансот за жал не носи оптимизам ниту надеж дека нешто ќе се подобри.

Петрушевска го запраша владиното мнозинство како велат дека ќе има оптимистичко сценарио од ребалансот со толкав дефицит од 920 милиони евра.

„Како да кажеме дека сме оптимисти на младите дека нешто ќе се подобри, кога во ребалансот имаме суштинско кратење на во делот за младите. Овој ребаланс можеше да биде можност за да корегираме нешто што претходно беше испуштено, а тоа е да овозможиме на секое дете, на секој наш граѓанин да има компјутер и да може да се едуцира“, рече Петрушевска.

Петрушевска посочи дека можеше со ребалансот да се помогне на наставниот кадар кој што сега во моментов се соочува со големи проблеми поради онлајн предавање на учениците.

Со ребалансот вкупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се на речиси идентично ниво во однос на планот, вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или за 5,5%, односно за околу 13 милијарди денари повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2020 година (пред започнувањето на кризата предизвикана од КОВИД-19 ). Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,5% од БДП.

Започнува расправата за ребалансот на Буџетот – Предвиден е дефицит од 56,5 милијарди денари од БДП