Бриселски „Политико“ денес објави дека на вчерашниот состанок на амбасадорите на ЕУ во Брисел, наводно, бил постигнат компромис за започнување на првата меѓувладина конференција, во постигнатиот компромис, Бугарија ќе ги признае македонскиот јазик и македонскиот идентитет, во замена за Македонија да ја признае „историската вистина“, како што е дефинирана од Софија, дека Македонија има бугарски темели врз кои е создаден каков било македонски идентитет и официјален јазик.
За ваквите тврдења на новинарски прашања по состанокот на Советот за безбедност, премиерот Зоран Заев изјави дека треба да го видиме предлогот, треба да видиме што е всушност предложено за да можеме секако да се изјасниме.
„Јас верувам дека еве ова е добра е информација, можам да ја коментирам дека, прво во тоа што беше пренесено е констатација дека ќе има прва меѓувладина конференција и ќе биде подржана од сите, тоа е важно, секако да ги видиме другите детали па ќе дадеме коментар… Не е прифатливо! Така што да почекаме да го видиме кој е предлогот да не ги нарушиме разговарачките процеси секако дека треба заедно да бидеме паметни и во духот на тоа што е потпишано, а во тој дух е големото пријателство, поддршката на Бугарија кон Северна Македонија, заедничката историја, македонскиот јазик, македонскиот народ и бугарскиот народ, сите тие зборови се во Договорот за добрососедство, верувам дека можеме да најдеме заедничко решение“, изјави Заев.
На прашањето дали ќе има нов договор или анекс на договорот тој напомена дека ниту бугарската страна бара нов договор, ниту има потреба од анекс на Договорот, ако има потреба од појаснување, усни, писмени, декларацијата која што е изјава, постојат како алатки, јас сум ги објаснувал за да можеме во рамките на Договорот постоен, да ги појасниме сите овие ставови, но да гледаме сите заедно најповеќе ние политичарите, нормално и граѓаните, професионалците како вас сите, низ позитивната призма ќе се постигне договор.
„Секако јас очекувам, секој пат напоменувам Бугарија да продолжи да биде првиот и најголем поддржувач на Северна Македонија во сите чекори на нејзините процеси на интеграции, следен чекор е меѓувладината конференција којашто значи официјален старт на нашата земја каде што отворањето или затворањето на поглавјата треба да бидат нашата европеизација“, изјави Заев.