Од цел свет само 10 држави не пријавиле ниту еден случај на Ковид-19

Бројот на заразени со Ковид-19 во светот од ден на ден се зголемува и руши рекорди. Сепак досега вирусот не успеал да стигне само во 10 земји од вкупно 193 кои што се полноправни членки на Обединетите нации.

Најголемата земја во која официјално не е потврден случај на коронавирус е Северна Кореја, чии власти го ставија во карантин градот Каесонг во близина на границата со Јужна Кореја на 26 јули, откако беше пронајдено лице за кое се сомнева дека е заразено со вирусот.

Сепак, тие сомневања не беа потврдени, па затоа, и покрај резервираноста на бројни светски медицински експерти, Северна Кореја официјално е наведена како земја во која коронавирусот не е влезен.

Туркменистан е втора азиска земја што не потврдила присуство на коронавирус, иако се граничи со Иран, каде се регистрирани речиси половина милион луѓе позитивни на вирусот, како и со Казахстан, кој пријави повеќе од 100.000 случаи на инфекција. Имаше спорадични извештаи за граѓани на Туркменистан кои имале симптоми на коронавирус, па дури и на наводна смрт, но тамошните власти досега не пријавиле ниту еден случај.

Останатите осум земји во кои коронавирусот не е потврден се наоѓаат во Океанија, а најголема од нив е Вануату, која има помалку од 300 000 жители. Најмалата земја без коронавирус е Науру, која има само 12.000 жители. На списокот се и Кирибати, Микронезија, Палау, Самоа, Тонга и Тувалу.