Пендаровски: Ситуацијата е исклучително сериозна, следните недели сигурно нема да биде полесно 

Денеска се одржа 9-та седница на Советот за безбедност на која присуствуваа сите постојани членови на советот, освен професорот Марковиќ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, надвор од постојаниот состав, а на покана на претседателот присутен беше министерот за здравство Венко Филипче.

На дневен ред имало само една точка – актуелната ситуација со Ковид-19 и мерките и активностите на надлежните органи за сузбивање на пандемијата.

„Сведочиме дека и најразвиените земји и најбогатите економии тешко излегуваат на крај со оваа ситуација без преседан. Велејќи го ова, не сакам да барам оправдување за секој потег на нашите власти кој е преземен во последните 8 месеци. Меѓутоа, во однос на сетот на мерки кои нашите здравствени авторитети ги применуваат, јасно е дека не постојат мерки кои се препорачани од СЗО или се применуваат во некои други држави и даваат позитивни ефекти, а не се применуваат кај нас. Главнината на здравствените мерки е иста, разликата е само во нивото на нивно почитување од страна на граѓаните и нивото на имплементација на законите од страна на државните институции“, истакна претседателот Стево Пендаровски.

Тој нагласи дека ниту во владата, ниту во министерството, ниту во комисијата за заразни болести не е собран сиот ум и сето искуство во светот, така што секоја добронамерна и конструктивна критика за подобрување на нашиот национален, државен одговор на пандемијата е добредојдена. Кај министерството и во владата во целина, постои и мора да постои добра волја и подготвеност сите корисни идеи и предлози да бидат прифатени.

Пендаровски повика оваа ситуација да не се користи за добивање на политички поени.

„Ситуацијата е исклучително сериозна, човечките и материјалните ресурси се ангажирани практично до својот максимум, а со оглед на тоа што доаѓа сезоната на сезонски грипови следните недели сигурно нема да биде полесно“, изјави Пендаровски.

„Со цел да истраеме, како никогаш до сега, потребни ни се одговорност, меѓусебна солидарност и претпазливост. И уште еден апел до граѓаните – во отсуство на вакцина или лек за оваа болест, нема друга алтернатива освен доследно почитување на заштитните протоколи – физичка дистанца, носење маски и драстично, драстично намален број на дружби и семејни собири“, апелираше Пендаровски.