Студија: Нечистиот воздух придонесува за смртноста од КОВИД-19

Досега голем број студии покажаа дека загадувањето на воздухот од издувните гасови и фабриките го скратува животот за две години на секој маж, жена и дете на Земјата.

Загадениот воздух уби 476 000 новороденчиња во 2019 година. Најголеми проблеми во овој поглед се Индија и субсахарска Африка, според новото глобално истражување. Според него, скоро две третини од смртните случаи се резултат на штетни испарувања од горивата.

Сега друга студија на меѓународен тим научници предводена од истражувачи од Германија покажува дека 15% од сите глобални смртни случаи поврзани со COVID-19 може да се припишат на долгорочна изложеност на загаден воздух.

Проценката, објавена во списанието „Кардиоваскуларни истражувања“, беше спроведена од експерти од Хемискиот институт Макс Планк, Универзитетот Харвард и Кипарскиот центар за климатски и атмосферски истражувања и се заснова на анализа на загадувањето и податоци за пандемијата на коронавирусите.

Според истражувачите, смртните случаи поврзани со COVID-19 и загадувањето на воздухот се „се тесно поврзани, поради долгата изложеност на загаден воздух“.

Авторите на студијата веруваат дека изложеноста на загаден воздух ги влошува коморбидитетите што можат да доведат до фатални здравствени последици од вирусна инфекција.

„Ако веќе имате кардиоваскуларни болести, загадувањето на воздухот и инфекцијата со коронавирус можат да создадат проблеми што можат да доведат до срцев удар, срцева слабост и мозочен удар“, изјави коавторот на студијата, Томас Мунцел, од Универзитетот Јоханес Гутенберг во Мајнц, Германија.

Повеќе од една четвртина од смртните случаи поврзани со коронавирусите во Азија може да се припишат на загадувањето на воздухот, проценуваат истражувачите, во споредба со 19 проценти во Европа и 17 проценти во Северна Америка.

Но, во Европа има големи разлики. Додека во Чешка се зборува за 29%, а во Германија за 26%, загадувањето на воздухот во Португалија е можна причина за смртност од Ковид-19 кај 11% од болните, а во Шпанија кај само 9%. Во Австралија има 3%, а во Нов Зеланд само 1% смртни случаи од Ковид-19 кои би можеле да бидат резултат на влошено здравје од загаден воздух

„Кога долгорочно загадување на воздухот се комбинира со инфекција со Sars-CoV-2, тоа се одразува негативно на здравјето – особено на срцето и крвните садови“, објаснува кардиологот и коавтор на студијата Томас Минцел. Според него, загадувањето на воздухот ги прави поверојатни факторите на ризик за Ковид-19, како проблеми со белите дробови и срцето.

Научниците укажуваат дека ситната прашина убива и независно од Ковид-19. Затоа тие бараат посилна борба против загадувањето на воздухот, како премин кон чисти и обновливи извори на енергија. Пандемијата веројатно ќе заврши со вакцинацијата на луѓето, но „против лошиот квалитет на воздугхот и промените на климата“ нема вакцина, велат тие. Единствена помош е „намалување на емисиите“ на издувни гасови.