Собранието денес ќе одлучува за новите рестриктивни мерки за заштита од КОВИД-19

Денеска во Собранието на Република Македонија е закажана пленарна седница на чиј дневен ред се наоѓаат 12 закони.

На дневен ред се ставени измените на Законот за заштита на населението од заразни болести по скратена постапка, кои деновиве се предмет на препукување помеѓу партиите.

Со предлог законот вака како што е предложен се регулира лекувањето на лица заболени од Коронавирус COVID-19.

Се пропишува надлежност за вршење на инспекциски надзор над примената на мерките од овој закон и им се даваат поголеми ингеренции на Државниот пазарен инспекторат, Државениот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и на другите инспекциски служби на централно ниво и/или инспекциските служби во состав на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.

Се очекува амандмански да се интервенира во законот и на тој начин да се вметнат дополнителните рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот кои што ги најави Владата, како што се носење маски на отворено, најмногу 4 гости дома и др.

На дневен ред на оваа седница се и намалувањето на судските такси и Законот за спречување и заштита од дискриминација.