Потпишани договори за финансиска поддршка со 48 компании, продолжува поддршката и оваа година за бизниси кои инвестираат во развој и нови вработувања

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, одржаа прес-конференција на која беа презентирани податоци поврзани со договорите за државна помош потпишани со компании кои аплицираа за мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции за 2020 година. 

Битиќи, потсети дека како дел од Планот за економски раст, во 2018 година беше донесен Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кој се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Република Македонија.
 

„Оваа година се потпишаа нови договори со 38 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра. Ова се финансиски средства кои компаниите ги вложуваат во инвестиции и развој како и стекнување конкурентска предност. Ова носи напредок и развој за нивните вработени, но во ова време на непредвидливост и светска криза, значи стабилност на нивните работни места и отворање на нови. Дополнително, ова се инвестиции кои компаниите ги прават во време на светска криза предизвикана од КОВИД-19“, рече Битиќи. 

Вицепремиерот нагласи дека кумулативно, од 2018 година до денеска, по овој Закон се потпишани 245 договори со компании. Во однос на компаниите кои потпишаа договори во 2020 година, вкупниот инвестициски циклус на 48-те компании изнесува 53,4 милиони евра, од кои 29,4 милиони евра се инвестиции на новите 38 компании, а во 2019 година, сите 48 компании, реализирале инвестиции од 17,5 милиони евра. 

„Инвестициите направени во првата година, односно во 2019 година, донесоа нови 146 работни места во овие 38 компании кои оваа година потпишуваат нови договори, а планирано е овие компании, со комплетирање на бизнис плановите да вработат 498 лица. Ме радува регионалната распределба на инвестициите по градови, на компаниите кои аплицирале, ова е значајно за рамномерниот регионален развој и рамномерната дистрибуција на помош и поддршка. Осум од компаниите (или 21%) се од Скопје и општините кои гравитираат кон Скопје, додека останатите 30 (или 79%) се од останати градови или населени места, како што се Битола, Кочани, Струмица, Прилеп, Тетово, Гостивар, Велес, Куманово, Охрид, Струга, Штип, Боговиње, Виница, Делчево, Кавадарци и Неготино. Тоа значи дека се повеќе компании од помалите места, се развиваат, а тоа е одлична вест токму за граѓаните од тие места, да добиваат можност да работат во својот роден крај, да останат дома и да придонесуваат за развојот на компанијата и локалниот економски раст“, посочи Битиќи. 

Во однос на големината на компаниите, вицепремиерот укажа дека најголемиот дел се мали фирми (до 50 вработени), вкупно 20 (или 53%), по што следуваат средни компании, вкупно 10 (или 26%), па 5 микро компании (13%) и најмалку се големите компании, само 3 (8%). 

Министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека и оваа година Владата продолжува со поддршка на бизнисот и поддршка на домашните компании, коишто покрај се успеале да работат успешно во текот на претходната, но и во текот на оваа година. 

„Одлучивме оваа година дополнително да ги помогнеме нашите компании кои ќе имаат храброст да инвестираат во тек на ковид криза, но и пост-ковид кризата, значи и во 2021 година, со дополнителни 20 милиони евра. Што се однесува до процесот можам да ја информирам јавноста, а особено компаниите кои аплицирале дека е при крај евалуацијата на сите апликации и наредната недела ќе доставиме извештај од страна на Комисијата која е во склоп на Министерството за економија, до Владата на Северна Македонија, по што ќе продолжиме и со потпишување на нови договори за инвестиции кои што очекуваме да надминат 100 милиони евра во текот на 2020 година и 2021 година“, рече министерот Бектеши.