Вработени во РЕК Битола со отворено писмо со прашања до раководството на АД ЕСМ и директорот Васко Ковачевски.
- Во вашите излагања отворено кажувате дека комбинатот е во добивка од 80.000.000€.
Прашањето е од каде и на кој начин сте ја направиле таа добивка?
- Вкупното производство на АД ЕСМ за 2018 год. е 4.139.000 МWh и ако ова се помножи со цената што е постигната од продажбата на енергијата на ЕВН ХОМЕ od 34,5 € , а од тој производ се земе 80 % како што наложува Законот за енергетика, тогаш се добива дека заработката на АД ЕСМ од оваа продажба изнесува 236.400 €. Ако се знае дека на берзата на електрична енергија HUPX, цената на електричната енергија се движи околу 56 eur/MWh, тогаш се поставува прашањето: зошто наместо по 34,5 eur/MWh не продававте енергија на слободниот пазар по цена од 56 eur/MWh ? Како ќе ја оправдате загубата од околу 69.535,200 евра направена поради пониската продажба за 21 евро за секој MWh електрична енергија?
- Кажувате дека оваа година сте заработиле 40.000.000 € од продажба на електрична енергија ?
- Да ве потсетиме дека за да ги добиете овие пари било потребно да продадете електрична енергија од 1.380.000 МWh, што е малку повеќе од 50% од целокупното минатогодишно производство на РЕК Битола. Се надеваме дека продававте енергија само од РЕК Битола, а не и од хидроелектраните во Република Македонија?
- Дали ако е точно ова што го кажувате за преголемите резултати, никогаш не сте размислиле за покачување на платите во АД ЕСМ?
- Ако некој ги направил овие резултати ред е да биде награден. Вие го премолчувате покачувањето на платите на останатите сектори (здравство, образование), а оние што го создаваат вишокот на производството, не се спомнати никаде.
- Конкретно дали ќе ги покачите платите на вработените во РЕК Битола?
- Дали е во план некое зголемување на платите или пак вработените како останатите во државата, вклучувајќи го и претседателот, ќе треба да заминуваат во странство за да се сетите на нив?
- Зборувате за зголемено производство? Колку е истото зголемено и во однос на што?
- Да ве потсетиме дека според сите показатели тоа се намалува од година во година во реални бројки.
- Зборувате дека сме длабоко навлезени во грејна сезона и дека сѐ е подготвено за претстојниот зимски период?
- Но за жал каква е состојбата со спремноста во рудниците подобро прашајте ги Вашите вработени и нивните раководители кои ги очекува голема битка во овој зимски период, за да се обезбеди редовно снабдување со електрична енергија.
- Зошто во тендерот за разладната кула е одбиена реномирана полска фирма, а на нејзино место е избрана Ватростална?
- Ова е посебно важно кога се знае дека полската фирма има работено на реконструкција и ремонти на стотина разладни кули, а за Ватростална не сме ги слушнале референците за вакви завршени работи, освен дека ќе гради ветерна централа со повластена тарифа од 89 eur/MWh, загарантирана од државата за која ќе плаќаат сите граѓани, при што балансирањето ќе го прави МЕПСО бесплатно за нив, а се разбира на грбот на граѓаните .
- Ви пропадна уште еден тендер за електростатскиот филтер? Оставете го претходното раководство и не се вадете на него. Веќе две и пол години сте на власт. Дали и сега се дојде до три избрани фирми и повторно некој го поништи тендерот? Кој е тоа?
- Дали знаете дека за 10 мил. € што предвидувате да ги дадете за инвертори (бидејќи така Ви рекла Владата), можете и кривично да одговарате?
- Ни во ова Ваше гледање на работите повторно не ги гледате Вашите вработени и барем некој бенифит предвиден за нив со оваа акција. Вие елиминирате сѐ, и единствено Ве интересира да го остварите она што Ви рекла Владата и премиерот Зоран Заев.
- Прикажувате повеќе милионска добивка, а каде се градежните машини кои ги ветивте за комбинатот, неопходно потребни за зимскиот период?
- Кога дојдовте на власт тендерот беше комплетно готов и сработен, Вие ветивте дека час поскоро РЕК Битола ќе има сопствена механизација, но за жал нема ништо од тоа.
- Колку го чини во моментов комбинатот ангажманот на помошна механизација и кои фирми го работат тоа?
- Дали мислите дека со тоа што ги испраќате вработените преку синдикатот за образование во хотел „Лаки“ во Охрид, ги исполнивте сите нивни побарувања?
- За чудо нашиот хотел „Молика“ сега е празен, вработените во РЕК Битола добиваат ладен оброк од „Молика“, но за жал вработените во хотел „Молика“ веќе втор месец немаат примено плата. Еве денес ве гледаме во посета на „Молика“, Вие со раководството од РЕК Битола и ФОД . Би ви порепорачале да ги решавате проблемите, а за прошетки има време.
- Дали Вие лично ја поддржувате стратегијата за затворање на РЕК Битола, во првата варијанта од Стратегијата во 2025 год.?
- Нешто лично, дали чувствувате грижа на совест во однос на РК Пелистер, како негов претседател?
- Дали е точно дека на голем дел од состаноците на Управниот одбор на АД ЕСМ присуствувал и вице премиерот за економски прашања?
- Последно, дали мислите дека ќе беше подобро да се направи некоја статуа вперена со раката кон РЕК Битола и секој ден со ретки исклучоци да ја потсетува јавноста дека еве и денес еден или двата, а во еден момент и трите блока на РЕК Битола не работат?
- Како што Вие често знаевте да кажете:„ оправдано или неоправдано, лесно за кажување, но тешко за остварување.“ Но, за жал и кај Вас едноставно не ја гледаме разликата.
Со надеж дека ќе добиеме одговори како вработени кои се заинтересирани за ова, но се разбира и за македонската јавност за која АД ЕСМ е фирмата водилка во оваа држава, би ве замолиле да не наоѓате во ова никаква политичка конотација. Голем дел од вработените и граѓаните на Битола и Македонија би ги поставиле овие прашања, но не знаат како.
Битола, декември 2019 год. Дел од вработените во РЕК Битола
Прашањата и ставовите се на вработените во РЕК Битола. Порталот Akcent.mk се оградува од објавените прашања и ставови.