Од утре во Словенија започнува забраната за движење надвор од местото на живеење

Поради големото зголемување на инфекциите со коронавирусот, Словенија ги заострува веќе постоечките мерки, така што забраната за движење надвор од општините каде престојуваат жителите ќе стапи на сила во вторник, објави во неделата вечерта премиерот Јанез Јанша.

Ограничувањето на движењето кон општините прво ќе биде во сила седум дена за целата земја, а релаксацијата потоа ќе се воведе постепено по региони кои први ќе го ограничат ширењето на епидемијата, објави Јанша на својот профил на Твитер.

„Бројот на нови случаи на ковид-19 расте, затоа воведуваме нови мерки од владиниот план за контрола на ширењето на епидемијата“, рече тој.

Јанша истакна дека засега нема да има потреба да се сместуваат болни во шатори или други слични установи.

Во Словенија, во саботата се потврдени 1.675 нови случаи на коронавирусот, починаа пет пациенти, што е втор најголем број на починати пациенти од почетокот на епидемијата.

Бројот на пациенти во болниците продолжува да се зголемува, има 508 пациенти, од кои 71 се во единиците за интензивна нега.

Од почетокот на пандемијата, во Словенија има вкупно нешто помалку од 23.000 заразени, а починале 241 лице.

„Заклучувањето“ е на сила од саботата, па затоа, меѓу другото, и продавниците се затворени, покрај оние што продаваат храна и основни производи, забрането е работење на фризерски и салони за убавина, велнес центри, базени, кина, театри и спортски сали.

Одлуката што Јанша ја објави синоќа е неочекувана, имајќи предвид дека деновиве се зборуваше дека ќе се користи само како последно средство.

Затворањето на општините, кое беше на сила во првиот бран на епидемијата во пролетта, наиде на многу остри критики и протести. Во тоа време, некои тврдеа дека тоа е непропорционално со опасноста.