Вчера СДСМ го одржа 25. Конгрес, овој пат, Конгресот, за првпат во партијата но и во државата се одржа дигитално, од далечина, согласно сите мерки и протоколи со цел заштита на јавното здравје.
Горд сум што СДСМ е предводник, авангарда и како одговорна, државотворна партија постави нови стандарди на партиско делување, организација и дигитализација, изјави претеседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој ја информира јавноста за Одлуките донесени на 25. Конгрес на СДСМ.
„Усвоен е Извештајот за победата на парламентарните избори оваа 2020 година.
Конгресот ги усвои и измените и дополнувањата на Статутот на СДСМ.
Направивме уште еден чекор напред кон поголема демократизација на партијата, унапредување на позициите на жените и младите во СДСМ и дополнително зајакување на партиските комисии.
СДСМ од денеска гордо може да соопшти дека е прва партија во земјава, во регионот и една од ретките партии во Европа и во светот која има целосна родова еднаквост и учество на мажите и жените рамноправно во своите органи и тела на партијата.
Со измените на Статутот ја отвораме и нова демократска можност: за првпат во историјата на државата една политичка партија својот претседател ќе го избира на внатрепартиски, непосредни избори.
Новиот претседател на СДСМ ќе биде избран на директни,непосредни, партиски избори следната година, во првото полугодие кога истекува мандатот на ова раководство.
За Претседател на СДСМ ќе може да се кандидра секој член со најмалку 5 години работа во партијата и со поминат најмалку еден мандат како член на Централниот одбор со право на глас.
Ова е врвен чин на демократизација и пионерски чекор во партиското дејствување во Република Северна Македонија. Пример кој веруваме дека наскоро ќе го следат и другите полиитчки партии.
Ја менуваме и Преамбулата на Статутот. Покрај слободата, еднаквоста и солидарноста кој се основни социјалдемократски вредности и демократијата како цивилизациска вредност, ја додаваме и правдата, како основно обележје на трајната посветеност на нашата партија. Тоа се случи токму денеска на Европскиот денот на правдата.
Воведуваме и Кодекс на однесување на СДСМ.
Вредностите, програмските принципи и начела на партијата ќе бидат заштитени со Кодекс на однесување на членовите на СДСМ.
За прв пат во историјата на партијата, Форумот на жени на СДСМ и Социјалдемократската младина на Македонија се регулираат како трајни и статутарно предвидени форми на организирање.
Претседателите на Форумот на жени и на СДММ и на Градската Организација на СДСМ ќе учествуваат во работата на извршните органи, со право на глас, на сите нивоа соодветно.
Воедно, старосната граница за младите во партијата ја израмнивме во органите на СДСМ и на СДММ соодветно.
За првпат, се формира и Форум на пензионери, кој ќе има за цел да ги мотивира нашите највозрасни членови и да ги искористи нивните капацитети во градење на мерки и политики за унапредување на животот на пензионерите.
Со новиот Статут организациите на СДСМ во другите држави ќе учествуваат во работата на партијата преку свои делегати рамноправно и денеска добија официјално и статутарно признание за нивната долгогодишна несебична помош и нивниот третман во партијата.
Конечно, со измените на статутот, со новиот бренд, црвената боја станува боја на СДСМ. Тоа е бојата на социјалдемократијата, боја што ја остликува нашата енергија, сила и верба во подобра заедничка иднина. Тоа е боја на нашето македонско знаме.“ – Изјави Заев.
Делегатите на Конгресот изгласаа доверба на органите на СДСМ избрани од Конгресот.