Ребалансот на Буџетот пред финално усвојување, со него почнува четвртиот пакет мерки

Во Собранието заврши амандманската расправа за ребалансот на Буџетот и од понеделник се очекува тој да се најде на дневен ред на собраниска седница. Со вториот по ред ребаланс на Буџетот за годинава практично треба да започне и имплементацијата на четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и стопанството за излез од кризата предизвикана од Ковид 19.

Со вкупен износ од 470 милиони евра и 31 мерка, Владата ќе се обиде финансиски да ги помогне граѓаните, но и компаниите за да ја задржат ликвидноста и да го сочува секое работно место.

Очекувањата на Владата се дека со новиот сет мерки ќе се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, ќе закрепнат одредени дејности, а ќе се обезбеди и стабилност на социјалните трансфери и ќе се поттикне јавната потрошувачка.