Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган рече дека на францускиот претседател Емануел Макрон му треба „ментален третман“ за неговиот став кон муслиманите и исламот.
На почетокот на овој месец, Макрон вети дека ќе се бори против „исламистичкиот сепаратизам“, за кој рече дека се заканува да надвладее во некои муслимански заедници низ Франција, што предизвика остра осуда на Ердоган.
Во меѓувреме, Франција ја потресе убиството на учител во Париз на кој напаѓачот му ја пресече главата со нож, затоа што тој им покажал на студентите карикатури на пророкот Мухамед.
„Кој е проблемот на оваа личност, наречена Макрон, со муслиманите и исламот? На Макрон му треба ментално лекување. Што друго можеме да му кажеме на шефот на државата кој не ја разбира слободата на уверување и кој на овој начин се однесува кон милиони луѓе од различни религии, тие живеат во неговата земја“, рече Ердоган.