Опозицијата во парламентот бара надзорна расправа за Еуростандард банка за да се утврдат фактите за криминалот од над 200 милиони евра

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска до Собранието ќе достави барање за спроведување на надзорна расправа за утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка. Иницијативата е поддржана од целата опозиција од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива и Левица.

Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека банката свесно е доведена во стечај со одлевање на големи суми на пари преку кредити без покритие за финансирање на фирми од Струмица блиски до семејството Заеви ги потврди и сопственикот на Еуростандард банката, кој јавно објави и дел од фирмите каде според него завршувале парите од Еуростандард банка, а кои фирми немале покритие за кредитите, односно биле банкротирани, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев.

“Ова е криминал од 200 милиони евра, каде оштетени се 100.000 граѓани. Овој криминал кој води до Струмица не смее да остане не расчистен. За таа цел ВМРО-ДПМНЕ бара надзорна расправа, на која ќе бидат повикани сите релевантни чинители, како гувернерката на НБРМ, сопственикот на банката, оштетените штедачи, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање и ЈО.” – Изјави Јованчев.

Според предлагачите, мора да има одговорност за секој оној кој го довел во опасност финансискиот пазар на Република Македонија и имотот на граѓаните.

“Не може заради желбата за богатење на неколкумина над 2000 фирми сега да не можат да дојдат до своите пари, од кои на поголем број од нив тоа можеби им биле и единствените ликвидни средства за работа.
Исто така одговорност мора да има и затоа што 780 луѓе кои имаат повеќе од 30 илјади евра во банката сега не можат да си ги земат своите пари, односно им пропаднале. Тоа можеби е нивната животна заштеда, пари за стан, куќа итн. Тоа се 780 човечки животи, 780 семејства, чија иднина е уништена.
Одговорност мора да има, а најдобар пат за тоа да се случи е да се откријат фактите. Токму тоа е целта преку оваа Надзорна расправа која ја бараме и која мора да се случи, доколку сакаме правниот систем да функционира и инвеститорите од страна да не гледаат како стабилен пазар со јасни правила и прописи. Се друго ќе значи нарушување на довербата во системот и пазарот на капитал и ќе ги одвраќа инвеститорите од нашата земја”, изјави Јованчев.