(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ предлага закон за формирање на специјална државна комисија за борба против КОВИД 

На денешната прес конференција на пратеникот Антонијо милошоски, од ВМРО-ДПМНЕ побараа формирање на специјална Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија.

Според предлогот, Комисијата ќе брои 11 членови во која по функција ќе членуваат министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите девет членови ќе се бираат од редот на инфектолози, 3 членови; епидемиолози, 2 членови; микробиолози, 2 членови; имунолози, 1 член и интернисти, 1 член.

Комисијата, според предлогот ќе ја избира Собранието на предлог на Владата. Истата би требало да започне со работа веднаш, односно во рок од 15 дена.

Одлуките на комисијата ќе бидат задолжителни за сите.

Како што стои во предлогот, оваа комисија ќе се формира секогаш кога ќе биде прогласена пандемија или епидемија, а нејзиниот мандат ќе завршува 6 месеци по завршување на пандемијата.

На денешната прес конференција, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски истакна дека од она што можеме да го видиме од дадениот предлог закон гледаме дека овој закон нема конкретни мерки за борба против пандемијата, во овој закон нема мерка за зајакнување на капацитетите на институциите кои што вршат КОВИД тестови, нема мерка за поевтино тестирање на ризичните групи на население како пензионери или хронично болни, ниту има мерка за пошироко тестирање по однос на бројка во позагрозените општини како што се Скопје, Прилеп, Струмица, Тетово и други градови.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека овој закон е повеќе техничка измена и дополнување наместо да биде закон во кој што би имало суштински мерки за борба и справување против пандемијата.

Милошоски спомена дека Македонија за жал има една од најголемите стапки на смртност по однос на еден милион жители во Европа како резултат на несоодветните мерки и слабата доверба која што Комисијата на министерот за здравство ја има кај јавноста.

„Сметаме дека оваа комисија која што уште пред изборите почна да ги политизира мерките, а во последно време видовме дека беше и пасивна кога некои ресторани, дискотеки во Скопје и во Струмица блиски до семејството на власт правеа концерти, забави, журки и тогаш не се реагираше соодветно носи дел од одговорноста за оваа загрижувачка состојба со пандемијата со КОВИД.

Во текот на вчерашниот ден во утринските часови имаше средба на претставник од ВМРО-ДПМНЕ со министерот за здравство по однос на предлог законот за заштита од заразни болести при што беше предложена идејата на ВМРО-ДПМНЕ да се формира една специјална државна комисија за заштита и борба против пандемии и епидемии во моментот кога постојат или во иднина во момент кога повторно би се случиле. Во однос на комисијата за справување со пандемија и епидемија“, изјави Милошоски.

Но, како што спомена тој, оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство.

Очигледно е дека министерот за здравство за разлика од мнозинството во јавноста се уште има блиска доверба во неговата советодавна Комисија за КОВИД што ја предводи докторот Караџовски, за која Комисија ние сметаме дека носи дел од одговорноста за многу ненавремени или за многу несоодветно преземање на мерки изминативе пет месеци, истакна Миошоски.

Затоа сметаме дека министерот треба уште еднаш да размисли зошто се одбива ваква една иницијатива за формирање на специјална државна комисија за справување со КОВИД пандемијата која што би ја предложила Владата, а би ја изгласало Собранието, потенцира Милошоски.

„Ние како партија забележуваме дека на власта често и треба изговор и кривец. До пред 3-4 месеци се вадеа со паролата Наќе е крив, потоа кога Наќе веќе не беше министер, народот е крив, сега ќе бараат кривец во опозицијата или во некои други структури, но не само во власта. Затоа за да не им послужи како изговор тоа што законот кој го предлагаат има недостиг од суштински мерки за борба против пандемијата  и да не почнат со спинови за тоа кој е виновен за слабото работење на Комисијата на министерот за здравство, ВМРО-ДПМНЕ ја повикува власта уште во текот на денешниов ден, да закаже собраниска седница. Знаеме дека немаат кворум, но ние ќе бидеме коректни, ќе го направиме кворумот на собраниската седница. Иако ќе бидеме воздржани, сепак ќе овозможиме овој предлог закон да помине. Но, предупредуваме уште еднаш, ваков каков што е не очекуваме да донесе преголеми резултати, бидејќи во законот недостигаат суштински мерки за борба против пандемијата“, заврши Милошоски.