Писателот Димитар Башевски, примадоната на Националната опера и балет (НОБ) Весна Ѓиновска-Илкова, доајенката на македонската народна песна Виолета Томовска за остварување во областа на културата, албанологот проф. д-р Агим Пољоска во областа на воспитанието и образованието и пулмологот-алерголог проф. д-р Дејан Докиќ денеска во Собранието ја примија, највисоката државна награда „Св. Климент Охридски“.
За доделувањето на државната награда „Св.Климент Охридски” за 2019, како највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Македонија, одлучи одборот на чело со академик Влада Урошевиќ.
Говорејќи за значењето на ученикот на просветителите Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Башевски кажа: „Ние, денешните добитници, имаме по едно дрво кое го чува вечниот оган на Св. Климент Охридски“.
Заминувањето на младите луѓе кои ја напуштаат државата и поразителните резултати на испитот по знаење веднаш треба да алармира да се запрашаме кој ќе седи утре во нашето Собрание, кој ќе предава на нашите универзитети, кој ќе суди во нашите судови, кој ќе лекува по нашите болници, забележа академик Влада Урошевиќ во своето обраќање на врачувањето на државната награда „Св. Климент Охридски“.
“Убаво е што сред дневната гласност, сред бучавата од партиски, политички правни и сообраќајни гласови во ваквите прилики за еден момент се свртува вниманието кон нешто што трае подолго и што е поврзано со сфери како што се науката, културата, литературата и образованието” – изјави добитникот на наградата “свети Климент Охридски, ”Димитар Башевски.