О2 Иницијатива: До кога ќе се крати од животната средина!?

Се давиме во ѓубре, ама за чистење на дивите депонии со ребалансите на Буџетот за 2020, се предвидени 90% помалку средства, обвинуваат од “О2 Иницијатива”.

“Во моментов 21 инструмент од мерните станици за мерење на квалитет на воздухот не работат, но 2/3 од средствата наменети за набавка на делови и нови инструменти се скратени!

Нема дотации оваа година за општините Битола, Новаци, Могила, Кичево, Чаир, Гази Баба, Центар, Аеродром, Кисела Вода, како надоместок за производство на енергија од фосилни горива!

Нема ни за рехабилитација на загрозена група на деца.
Ниту за санација и реновирање на просториите во лабораторијата во МЖСПП. За акредитација и да не зборуваме, тоа не е ниту планирано.

Нема средства и за уредување на порој на речното корито на река Пена во Шипковица.

Линданот, секоја година еве само што не почнале да го отстрануваат од депониите во Охис. Генералниот секретар на Владата, Рашковски пред две години ни изјави дека двете депонии со линдан ќе бидат деконтаминирани паралелно. И не е само линданот таму, туку е проблем и живата, и ред други канцерогени супстанции. Наместо да сведочиме за конечно чистење на сите токсични супстанции од тие мегатонски канцерогени депонии, 70% од средствата за отстранување на линданот се тргнати!

Скоро сите средства се тргнати и за изградба на фекален колектор за Кочани и систем за водоснабдување за Делчево.

Помалку средства има и за резервни делови за хидросистемот во Дојранско езеро, но и за набавка на резервоари (цистерни) за сулфурна киселина и натриум бисулфит, вентилатор за издувни гасови и др. за Јегуновце, за токсичната депонија таму.

Нè сотре загаден воздух, вода, почва, ама упорно се крати од средствата за животна средина!

До кога, нели оба беше приоритет?” Прашуваат од О2 Иницијатива.

– € 1,323,500 ПОМАЛКУ за чистење на диви депонии

– € 652,500 ПОМАЛКУ за набавка на делови и нови мерни инструменти за мониторинг станици

– € 635,000 НЕМА за дотации како надоместок за производство на енергија од фосилни горива на општините (Битола, Новаци, Могила, Кичево, Чаир, Гази Баба, Центар, Аеродром, Кисела Вода)

– € 589,000 ПОМАЛКУ за изградба на главен собирен фекален колектор за град Кочани и с. Оризаре. Кофинансирање на проект за изградба на систем за водоснабдување и прочистување на отпадните води во Делчево.

– € 559,000 ПОМАЛКУ за отстранување на линданот

– € 82,000 НЕМА за уредување на порој на речното корито на река Пена – Шипковица, Тетовско

– € 33,000 НЕМА за рехабилитација на загрозена група на деца

– € 16,400 ПОМАЛКУ за набавка на резервни делови за хидросистемот во Дојранско езеро

– € 9,800 НЕМА за санација и реновирање на просториите во лабораторијата

– € 8,900 ПОМАЛКУ за набавка на резервоари (цистерни) за сулфурна киселина и натриум бисулфит, вентилатор за издувни гасови и др. за Јегуновце