Собранието денес ќе одлучува за новите рестриктивни мерки за заштита од КОВИД-19

Во Собранието на Република Македонија за денес, од 11 часот е закажана седница на чиј дневен ред се наоѓа Законот за заштита на населението од заразни болести.

Со измените и дополнувањата на законот ќе се изврши доредување на законските решенија во насока на предвидување на здравствени установи во кои ќе се лекуваат лицата заболени од КОВИД-19, како и нови поголеми овластувања за надлежните инспекциски служби да вршат инспекциски надзор над мерките.

Со законот се предвидува дека лицата заболени од Коронавирусот задолжително се лекуваат во јавни здравствени установи. Доколку во јавните здравствени установи се исполнети капацитети за лекување на лицата заболени од COVID-19, како и во други случаи (недостиг на здравствени работници, здравствени соработници и други вработени лица во јавната здравствена установа и слично), по предходно дадена согласност од страна на Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаа дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.

Исто така како што најави министерот за здравство, Венко Филипче во овој закон ќе се интервенира со амандмани со кои ќе се предвидат и други рестриктивни мерки за задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор и ограничувањето на семејните собири.