Научниците истражуваат дали витаминот Д помага во борбата со КОВИД-19

Научниците бараат доброволци кои ќе учествуваат во истражувањето за да утврдат дали земањето витамин Д може да го зајакне имунитетот во борбата против Ковид-19.

На луѓето кои ќе се приклучат на истражувањето ќе им бидат испратени таблети кои ќе ги земаат секој ден шест месеци доколку тестот покаже дека имаат недостаток на овој витамин.

На жителите на Велика Британија веќе им се советува да размислат за земање додатоци во текот на зимата кога може да се намали нивото на витамин Д.

Тоа е препорака за подобрување на општата здравствена состојба, а не специјално наменета за запирање на инфекцијата, пишува Би-Би-Си.

Дали треба да земам витамин Д?

Недостатокот на витаминот Д е почест кај постарите лица, кај луѓето со прекумерна тежина, кај секој што спаѓа во групата со зголемен ризик од Ковид-19.

Студијата, која ќе ја водат истражувачи од Универзитетот „Queen Mary“ во Лондон, ќе користи поголеми дози на витамин Д од вообичаеното.

Главниот истражувач Дејвид Џолиф рече дека истражувањето „има потенцијал да даде дефинитивен одговор“ на прашањето дали витаминот Д обезбедува заштита од Ковид-19.

„Додатоците на витамин Д се широко достапни; доколку се докажат ефикасни, тие би можеле значително да помогнат во нашата глобална борба против вирусот“, рече тој.

Иако додатоците на витамин Д се безбедни за употреба, земањето повеќе од препорачаната доза секој ден може да биде опасно на долг рок, бидејќи витаминот Д се таложи во организмот.